Терминот естроген се однесува на група од хемиски слични хормони доминантни во женското тело и одговорни за развивање и одржување на женските карактеристики. Естроген има и во машкото тело, но во многу помала количина.
Мали количини од тестостеронот секогаш се конвертираат во естроген во машкото тело. Главната состојка која ја врши конверзијата (претворањето) се наоѓа во масните ткива. Затоа, колку повеќе масни ткива (сало) имате, особено во пределот на половината, толку повеќе тестостерон ќе се претвора во естроген. Тоа значи поголемо присуство на естрогени и поголема склоност кон понизок тестостерон и складирање сало.
Кога ќе се наруши соодносот на естроген и тестостерон настануваат компликации. Доколку нивото на естроген се зголеми, може да се добијат симптоми на намален тестостерон. Доколку нивото на тестостерон се намали, може да се добијат симптоми на зголемен естроген.
Високо ниво на естрогени кај мажите придонесува за одредени негативни здравствени состојби и ефекти врз телото. Некои од нив се:
- Зголемени (салести) гради
- Послаб сексуален нагон
- Губиток на мускулна маса
- Изнемоштеност
- Замор
- Потешкотии во добивање ерекција
- Проблеми со плодноста
- Депримираност
- Поран престанок на растот во висина
Високо ниво на естроген кај жените може да предизвика или да придонесе за:
- Подуеност
- Проблеми со меморијата
- Намален сексуален нагон
- Главоболки
- Промени во расположение
- Анксиозност и панични напади
- Депресија
- Качување килажа
- Умор
- Нередовни менструални периоди
- Тежок менструален циклус
Исхраната има директен ефект врз естрогените во телото и тоа од повеќе аспекти.
- Внес на состојки преку исхраната кои имитираат естрогени во телото, а тоа предизвикува телото да има последици како од покачен естроген.
- Доколку практикувате неправилна исхрана, тоа ќе го зголеми процентот на масни ткива во телото. Масните ткива содржат супстанци кои го претвораат тестостеронот во естроген. Повеќе сало = повеќе естроген.
Кај жените со покачени естрогени хормони исто така се зголемува склоноста кон складирање масти.
Најдобриот начин за здрави хормонални нивоа е здравиот начин на живот поткрепен со правилна исхрана, паметно вежбање и добар сон.
Прочитај за другите хормони