И ден денес може да се слушне дека „кревањето тежини може да го сопре растот во висина“.
Растот во висина е раст на коските во должина. Машките растат во висина до кај 16-18 години а женските до кај 14-16. Некои од приказните велат дека ако вежбаш со тежини за време на оваа фаза на раст, растот ќе ти се префрли во мускулите а не во висина, или ако креваш тежини над рамењата – од притисокот ќе останеш набиен. Слично на приказните „ако ја правиш таа вежба ќе си ги расипеш колената.“
Вистинската опасност е друга. Доаѓа од вежбање на таков начин што ќе ги прегази хормоните. Тоа може да го успори растот.
Растот во висина може да се попречи и доколку ги повредите деловите на коските одговорни за издолжување.
Неретко се јавуваат родители на деца кои сакаат да се извишат, некогаш навреме, некогаш доцна. Еве еден конкретен случај како пример – се јави еден спортист што сака да се извиши уште неколку сантиметри но имаше 17 години. Сакаше ги достигне тие неколку сантиметри за да може да остане во спортот со кој се занимава инаку немаше да ја исполнува потребната норма за висина за во иднина.
Причината зошто останал на таа висина може да се гени, може да се грешки во животниот стил, но ова беше факт:
Десет години вежбал секој ден по околу 60 минути. Понеделник до сабота тренинзи, недела натпревар. Самото по себе ова е доволно да успори секаков раст, и во висина и во мускули и во коски. Дополнително на ова, за вечера или за појадок јадел неколку кришки со мармалад. Едно парче мевце дневно. И секој ден спиел околу 6-6.5 часа. Ова дете живеело со потиснат соматотропин (хормон за раст).
Сега гледате што сè спаѓа во важноста на она што постојано го велиме на Мускултура: правилно вежбање, правилна исхрана и доволно спиење.
Не е само прашањето што да правиш туку и што да не правиш.
Во случајов за детето, околу таа возраст сè уште можеби постои некаква можност за раст во висина доколку се преземат правите чекори. Не треба да се чека до последен момент, иако повеќето деца и родители природно се надеваат дека наскоро ќе се случи „извишувањето“ и така ненамерно чекаат до последен момент, кога можеби е и веќе доцна.
Секој човек има генетски потенцијал за раст и тоа едноставно е потенцијалот за раст кој му го дарила природата. Но со грешките во животниот стил, спиењето, исхраната, вежбањето, навиките – тој може да го попречи растот и да не го искористи целиот потенцијал за раст. На тој начин до крајот на животот ќе остане „заклучен“ со помала висина од таа што му била достапна. Со правилни чекори можеме да се осигураме дека ќе направиме сè за да ги отстраниме сите препреки на растот. Доколку се отстранат препреките, односно грешките во навиките и се воведат исправни чекори, значително може да се влијае и да се овозможи да се постигне максималниот раст во висина.
Вистината е дека правилно вежбање со тежини за време на тинејџерските години може да го помогне растот во висина а не да го закочи. За време на тој период телото (би требало да) произведува тестостерон и соматотропин во големи количини. Правилното вежбање со тежини го зајакнува овој процес. Затоа, во тинејџерските години е поволно за организмот и од аспект на здравје и од аспект на изглед и го помага растот во висина.
Плус:
- Ќе ја зголеми и силата
- Ќе ја зголеми цврстината и отпорноста на повреди
- Ќе ја зголеми енергијата
- Ќе го зајакне духот
- Ќе го зголеми чувството за дисциплина и себеостварување
- …
За да ги има овие ефекти, вежбањето треба да е паметно, и да е придружено со правилна исхрана, добар сон и соодветни промени во дневните рутини.
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
Здравствен тренер
Фитнес инструктор и тренер за кондиција и сила
Сертификуван нутриционист
20.09.2020