Нашироко во научната литература, учебниците, бодибилдингот, нутриционизмот, медицината – прифатено е дека јаглехидратите се најдобриот извор на енергија за телото. Односно дека телото во главно треба енергијата да ја добива од гликоза.
Во нивните препораки за здрава дневна исхрана се вели дека најголемиот дел, односно 45-65% од калориите во храната треба да доаѓаат од јаглехидрати. Тоа значи леб, тестенини, житарици, ориз… И звучи многу „здраво“ кога велат дека не треба претежно да се внесуваат процесирани јаглехидрати туку цели зрна. Звучи.
Меѓутоа во реалноста, тие препораки се сигурен рецепт за константно покачен инсулин.
Јаглехидратите од храната, без разлика дали доаѓаат од леб, грав, ориз, чоколади, грицки, овес, овошја, чист шеќер, итн., во крвта се разложуваат во најпроста форма на шеќер – гликоза.
Зборот гликоза доаѓа од грчкиот збор glukos, што значи благо, слатко.
(Диеталните влакна, односно деловите од растенијата и семињата кои не се раствараат во телото, се сметаат за јаглехидрати но немаат калориска вредност. Кога велиме јаглехидрати не мислиме на диеталните влакна.)
Кога велиме јаглехидрати мислиме на шеќери, тие на крај во тоа се претвораат во крвта. И да напоменеме, лебот, тестенините, оризот, овесот, не се 100% јаглехидрати. Лебот содржи 50% јаглехидрати, оризот 70%, овесот 65%, шеќерот 100%.
Според одредени здравствени организации за заштита на срцево здравје, нормален е дневен внес на додаден шеќер не поголем од 25 грама за жени, 30 за мажи, некои велат и до 50. И велат дека лошото кај додадениот шеќер било тоа што дава калории но не дава есенцијални нутриенти. А дека шеќерот кој природно се наоѓа во храната не се смета за додаден шеќер и не спаѓа во овие 25-30 грама (и заклучок, не е „опасен“ за срцето). А 45-65% од калориите од храната да доаѓаат од јаглехидрати е супер.
Јаглехидрати 45-65% со 25-50 грама шеќер дневно?
Можеби звучи логично но нема никаква врска со вистината.
Дури и советуваат наместо шеќер од слатки, да се внесуваат „поздрави варијанти“ – овошја; наместо мусли со додаден шеќер да се јадат мусли без додаден шеќер; наместо газирани сокови да се пие обезмастено млеко. Не напоменуваат дека најголемиот дел од сите јаглехидрати што ќе се внесат, се конвертираат во шеќер (гликоза) во крвта. И оние од муслите и оривчето и овесот. Да, знаеме дека ова звучи неконвенционално. Особено во култура во која е конвенционално да се има толку висока стапка на срцеви заболувања. Затоа не е чудно што срцевите заболувања (статистички, број 1 глобална причина за смртни случаи) се постојано и сè уште во пораст. Нормално, таквата „современо-модерно-конвенционална јаглехидратна едукација“ оди рака под рака со стрмнорастечката стапка на дебелост насекаде низ светот.
Дали ќе внесете чиста гликоза, бел шеќер, кафеав шеќер, грав, мед, овес, жито, тестенини… – гликозата која се создава од нив во крвта e ИДЕНТИЧНА.
Велат мозокот функционира на гликоза, мускулите, органите – целото тело зависи од јаглехидрати за енергија.
Не баш.
Вистината е дека САМО ЕДЕН вид на клетки во телото МОРААТ да имаат гликоза за да функционираат. Сè друго, вклучувајќи го и мозокот – не мора да се потпира на гликоза за гориво. Сè друго може да ја добива својата енергија од мастите.
Тој еден единствен вид на клетки се црвените крвни клетки.
Црвените крвни клетки се клетки во крвта кои се обоени со црвена боја и се одговорни да го носат кислородот од белите дробови до другите клетки во телото. Другите клетки го користат тој кислород за да добијат енергија преку разложување на храната што ја внесуваме. Тоа согорување создава нуспроизвод – гасот јаглероден диоксид. Црвените клетки го носат назад јаглеродниот диоксид до белите дробови кој потоа се ослободува преку издишување.
Мастите се најдобар извор на енергија. (Под кои услови?)
Физички и математички, процесот на искористување масти дава поголема количина на енергија во споредба со процесот на искористување гликоза. Мастите даваат многу постабилна и подолготрајна енергија од гликозата. Префрлете го телото од согорување шеќери во согорување масти.
Во целата крв во телото, под нормални услови се содржани околу 4 грама шеќер. Инсулинот и глукагонот работат наизменично за да го одржат ова ниво. Замислете колку многу шеќер мора инсулинот да оттргне кога внесуваме висока количина јаглехидрати. (Што се случува со вишокот шеќер?)
Кога не внесуваме јаглехидрати и шеќери, телото е способно да ја создаде потребната гликоза – од мастите и од протеините.
Здравите навики не се тоа што статиичките за читкање велат дека се, без разлика колку експерти се цитирани. Но факт е дека тоа е нашироко и надалеку распространето. Погледнете пример. И пример за препораки за пред и по вежбање.
Вкупен внес на јаглехидрати од 20-40 грама дневно е повеќе од доволен за да се задоволи потребната количина. Во спротивно, се јавуваат други ефекти на кои не може лесно да им се открие причината заради убеденоста во „здравите препораки“. Толку многу се распространети што преземале физички облик во вишокот сало.