Слабеење, исправниот начин
Слабеење е тема од исклучителна важност без разлика дали вас лично ви е потребно да ослабете или не. Познавајќи ги овие принципи, ќе бидете во можност самите да знаете како до посилно и подобро градено тело.
Постојат многу методи на слабеење. Овде зборуваме како да се изгубат вишокот телесни масти преку правилна исхрана, но за тоа да биде уште побрзо и поефективно – паралелно со правилно вежбање односно зголемување на мускулната маса. Тоа е најбрзиот и најздравиот начин на слабеење. Со себе носи и разни бонуси како зголемено ниво на физичка и ментална енергија, подобро здравје, уште поголема самодоверба не само заради изгледот туку и чувството на лично постигнати резултати!
Ако ви е доста од талкање по совети, „Пиј го тоа“, „Јади вака“, „Вежбај така“…, тогаш дознајте ги механизмите позади слабеењето и градењето мускулна маса.
Не е доволно само да се ослабе. Потребно е да знаеме како навистина доаѓа до дебелеење.
Најефективниот начин за слабеење е:
НАСОЧУВАЊЕ НА ХОРМОНИТЕ КОН ГРАДЕЊЕ МУСКУЛНА МАСА И ТОПЕЊЕ МАСТИ ПРЕКУ ПРАВИЛНО ВЕЖБАЊЕ, ПРАВИЛНА ИСХРАНА И ДОВОЛНО СПИЕЊЕ.
Хормоните се тие кои му даваат наредба на телото да гради мускули, да слабее, да се дебелее или да троши мускули. Начинот на исхрана и начинот на вежбање се едни од главните фактори што одредуваат кое од овие ќе преовладува во вашето тело.
Салото не доаѓа исклучиво од мастите во исхраната
Нагомиланото сало е составено од масти, но во главно тие не се истите кои сте ги внеле како масти преку исхраната. Салото се создава и на следниов начин. Внесувате јаглехидрати, да речеме бел леб. Во телото тие се разложуваат на попрости шеќери. Дел од тие шеќери се искористува за моментални потреби за енергија, дел се складира во мускулите и црниот дроб, а вишокот се претвора во масти. Овие масти се складираат како сало.
За да се изгубат вишокот телесни масти, нема потреба да се гладува.
Тоа се постигнува со добар режим на правилна исхрана кој не е привремен и кој со потребните подесувања може да се следи секогаш. Така секогаш ќе одржувате позитивни резултати!
Хормоните се регулаторите кои топат или складираат масти, градат или трошат мускули
Доколку имате вишок сало, решението не е да трчате секој ден по 2 часа или да вежбате секој ден во неделата по 1-2 саати дневно. Иако многу луѓе го прават токму тоа, она што всушност се случува во нивните тела кога тренираат на тој начин е следново: секое вежбање кое трае подолго од еден час, го активира хормонот кортизол и го држи високо подолго време по завршувањето на тренингот за тој ден. Пролонгираното високо ниво на кортизол го држи тестостеронот на ниско ниво, а тестостеронот е еден од главните топачи на масти и градители на мускулна маса во човечкото тело.