Сретнавме едно дете во теретана. Висок 186 а тежок 62 кг. Вежбаше изолациски вежби за трицепс, гради со кабли… И слично.
И кај луѓе со преголема и кај луѓе со премала тежина, ваквите ситуации се пречести. Вежбаат претежно изолациски вежби, трчаат на трака или точак по 60 минути… Друг пример, висок човек мала тежина, вежба горен дел од гради… Друг пример, човек со преголема тежина прави вежба за трицепс со еднорачен тег а мускулите речиси невидливи од големиот процент на телесни масти.
Тоа е „злоупотреба“ на:
Хормони
Време
Пари
Енергија
Теретанска опрема
Простор
Младост
Поразговаравме со детето и го прашавме колку време вежба и која му е целта. Рече дека вежба 1 година, 5 дена неделно и дека никој никогаш не го прашал вакви прашања. Има 17 години.
За 1 година можел лесно да накачи 20 кг во мускулна маса ако вежбал и се хранел како што треба. Тоа „како што треба“ е целата филозофија. А фактот е дека сè уште има многу мала телесна маса и многу мала мускулна маса. Значи каков напредок имал во тие година дена? Никаков.
Замислете кој е неговиот став кон вежбањето. Замислете колку тешко му изгледа. А во секој случај – видете ја неговата упорност! Покрај минималните резултати тој сè уште оди во теретана и секојдневно вежба.
Доколку таа волја ја усмериме кон целта со правилно вежбање и правилна исхрана, кои би биле резултатите? Бидејќи првата и најглавната состојка веќе ја имаме: ВОЛЈАТА.
Друга состојка што најверојатно ја има е екстра поволен хормонален профил. На тие години хормоните би требало да се топ! Меѓутоа штом резултатите се речиси непостоечки и покрај потенцијално перфектен хормонален профил (нивоа и сооднос на хормоните), замислете колку е погрешен неговиот пристап – очигледно нема корист од тој фантастичен хормонален профил.
Висока или ниска, сигурно е дека кога-тогаш волјата ќе почне да опаѓа во отсуство на добри или пожелни резултати.
Е замислете ја неговата волја кога ќе почне да постигнува многу добри резултати. Чувството на задоволство и исполнетост, сигурноста во себе. Зрачењето со самодоверба.
Тогаш се раѓа самодисциплината, онаа најубавата, што доаѓа од личната волја, ненаметната и своја.