Онлајн продавница продава чудотворен производ којшто е толку моќен што за 3 месеци ќе направи да ослабете 50 кг. Барем така велат во нивната реклама на Фејсбук.
Станува збор за 100 милилитри сируп по цена од 970 денари.
Во рекламата стои „ИЗГУБЕТЕ 50 КГ ЗА ТРИ МЕСЕЦИ“, „БЕЗ ДИЕТА“ и „БЕЗ СПОРТ“. Она што е запрепастувачко не е заблудата ниту леснотијата со која залепиле ваква бесмислена изјава туку големиот број заинтересирани. Си порачуваат 100 мл магија за врвно здравје без никаков труд. Веројатно тоа е тригерот што го буди интересот кај оние што би сакале без напор да ослабат а кога ќе им прозборите, знаат сè. ТОА е единствената причина за лошиот третман кон потрошувачите од кој било услужен или бизнис-сегмент; за лошите формулации и состојки во суплементите и храната, за штетните вештачки засладувачи, за лажните изјави на производите, за сите безбројни трикови.
Само кога луѓето не знаат, и уште полошо – кога не ги интересира – само тогаш можат да бидат манипулирани.
Проблемот не е во алчноста на производителот или продавачот. Алчноста не би имала моќ кога луѓето би знаеле повеќе.
Овој производ не го препорачуваме бидејќи постои опасност од исчезнување на целото тело. Се надеваме дека нема да го поклоните некому.
_____
Слушни ја оваа статија како дел од подкастот на Мускултура.