Среде теретана вежбач прави мртви кревања со свиткан грб. Си работи кон самоповреда и никој ништо не гледа. Дојдов до него, поразговаравме и му ја покажав вежбата – веднаш сфати како да ја прави и ја правеше супер.
И стари вежбачи прават грешки, да не зборуваме за почетници.
Но проблемот е во доменот. Вашата теретана е ваш домен и вие имате одговорност за вашите вежбачи. Тие не се само клиенти кои си дошле да си вежбаат и никому ништо. Тие вежбаат во ВАШАТА теретана. Нека значи тоа нешто.
Порано се подразбираше дека со членството добиваш и некој да ти покаже вежби, некого да прашаш, па дури и да ти помогне со некоја вежба.
Дали сте сопственик или сте едноставно на смена во теретаната, не дозволувајте луѓето да се самоповредуваат, не дозволувајте да се создаваат вежбачи со вкоренети грешки. Најчесто кога грешат, тие не се свесни дека грешат. Помогнете им, не секогаш знаат дека треба нешто да прашаат.
Сум видел сопственици на теретани и тренери како велат: „Не е мое јас да ги учам, ако сака нека ми плати ХХХ евра за персонален тренинг.“
Не е така. Тоа е многу кусоглед став.
Прво, тоа зборува многу за оној што го кажува. Ако мисли дека да се биде личен тренер се состои само во покажување како се изведуваат вежбите, тогаш има многу ниско мислење за себе и својата професија. Нема да му пропадне професијата ако на вежбачот му каже да ги исперчи градите напред и да не го витка грбот додека прави дедлифт.
Секако, човек мора да заработува, но ако парите од личен тренинг ти се првата и главна мотивација, тогаш тешка ќе биде економијата.
Друго, доколку се повреди, сигурно нема да ти биде клиент ни во теретаната.
Најверојатно секој вежбач што го познавате (вклучувајќи ве и вас ако сте вежбач) некогаш се повредил како резултат од вежбањето, во или вон тренингот. Тоа можело да се избегне ако правилно ги изведувал вежбите со соодветни тежини, одмор и исхрана. Значи не е само важно што правиме ВО тренингот, туку и ВОН тренингот.
Трето, ако му покажеш вежби, можеби ТОГАШ ќе увиди бенефит од личен тренер па ќе посака да се запише кај тебе.
Тогаш можеби ќе има повеќе работа, повеќе пари и можност да направиш теретаната да ти работи и во недела, како што секој професионално ориентиран фитнес центар треба да биде.
Разбирам дека можностите не се секогаш најповолни, но ако не сакаш да покажеш вежби, ако не сакаш да отвориш во недела секако дека после економијата за тебе ќе биде тешка.
Вежбачите доаѓаат на тренинг заради подобар живот. Ти ја имаш можноста директно да им помогнеш во тоа.
Тоа е чест, привилегија и радост.
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
Здравствен тренер
Фитнес инструктор и тренер за кондиција и сила
Сертификуван нутриционист
28.06.2023