Човековите права го гарантираат правото на слобода, тие не ја гарантираат слободата. Човековите права го гарантираат правото на самоопределување, тие не го гарантираат самоопределувањето. Евидентно е дека е така, гледајте што сè ни се случува по тоа прашање, нам и на многу други во навидум најдемократското доба на цивилизацијата од навидум најголемите демократии.
Лесно е да се гарантираат права. Мостот помеѓу имањето право и остварувањето на тоа право лежи во единката.
Право на здрав живот и здрав живот се многу различни работи.
Ниту една институција не може да ги земе твоите слободи во нејзини раце и да ти ги остварува. Слободите постојат само кога располагаме со нив. Инаку се само писмена гаранција. Писмени гаранции видовме многу, привремени, стални и меѓувремени – референци. Во светот многу се гарантира, a малку се располага. Но среде „најцивилизирано“ и „најнапредно“ доба, сепак постојат ограничувања на најосновни права и слободи. Правата ќе стојат на хартијата, без разлика дали ние спиеме, плачеме или градиме нов свет за нас и следните генерации. Гаранциите лесно стојат – тие се мастило на хартија. Слободата е вистинското нешто. Човек треба постојано да работи на себе доколку сака да располага со својата слобода. Ниту еден правилник, законик и која било друга автоматска направа за подобар живот нема да го замени актот на располагање со слобода. Слободата се намалува, а за тоа показател се сè побројните гаранции. Сè повеќе закони, договори, правилници, спогодби, ветувања.
Колку повеќе ја снемува слободата, толку повеќе таа мора да се гарантира.
Примат добиваат гаранциите (хартија) наместо располагањето со самата слобода (живот). На тој начин луѓето почнуваат да живеат хартија, наместо да живеат живот. Исто е во сите сфери. Најмногу од кога било се цитираат препораки и совети за здрав живот, а луѓето никогаш не живееле понездраво. Се чини дека хартиите зборуваат повеќе од луѓето. Единката која е под стрес, преморена или преоптоварена – ја губи моќта и волјата да РАСПОЛАГА. Колку помала моќ и волја има единката, толку повеќе мора други да ѝ гарантираат слобода. Но другите не можат да гарантираат слобода освен на хартија. Дополнително, и „другите“ се во истата каша како единката. Па така колку понеслободни стануваат луѓето, толку повеќе гаранции ќе има.
Првата слобода е љубовта кон животот. Чекорот кон подобро. На човек можеш да му отвориш врата, но тој треба да чекори.
Денес, револуцијата се одвива со излегување од општиот шаблон и стапнување на пат кој води кон подобар живот.
Ова не значи иселување од Македонија. Овие проблеми се глобални, а не домашни. Вишок килограми, висок притисок, дијабет, неплодност, итн., има и во Германија и во Швајцарија. Ништо помалку отколку кај нас! Земјите рекордери со највисока стапка на канцер во светот се оние кои за многумина се идоли:
- Данска
- Норвешка
- Австралија
- САД
- Нов Зеланд
- Канада
- Франција
- Холандија
- Ирска
- Хрватска
- САД
- Белгија
- Словенија
- Канада
- Велика Британија
- Шведска
Не е сè така розево, таму надвор, „на западот“. Ако не си средиш дома, никаде нема да ти биде средено, бидејќи првото дома е нашата лична состојба.
Решенијата не се надвор. Тие се во нашите чекори. Ако мислите дека исхраната и вежбањето се површни работи, запрашајте се следново: колку енергија и волја ќе имаа нашите претци на 11 октомври 1941 г. за да се залагаат за нивните и наши слободи доколку повеќето од нив беа со:
- Висок притисок
- 50% понизок тестостерон од здравото ниво
- Вишок килограми
- Анксиозност
- Депресија
- Слаба енергија
- Лоша концентрација
- Потреби за дремки…?
Денес нѝ е потребна револуција во нашето здравје. Сите други слободи се потпираат на најпрвата слобода: здравјето.
Нека е честит и вековит 11 Октомври, Денот на востанието на Македонија! Нека тој биде потсетник дека секојдневно треба да ги живееме нашите слободи!
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
Здравствен тренер
Фитнес инструктор и тренер за кондиција и сила
Сертификуван нутриционист
11.10.2024