Да се вратиме на месото. Сè повеќе истражувања излегуваат каде се побива старата теорија дека месото е штетно.
Во една студија (2021 година) која анализира 24 извршени истражувања со цел да разберат како јадењето црвено месо може да влијае на контролата на шеќерот во крвта, инфламаторните (воспалителни) процеси и други битни здравствени параметри кај здрави луѓе – научниците утврдиле спротивно на нивната првична претпоставка – дека консумирањето црвено месо нема значително влијание врз нивото на шеќер во крвта или маркерите за инфламација, дури напротив, вредностите за гликоза, инсулин и инсулинска резистентност се намалиле.
Друго истражување (2017 год) заклучува дека консумирањето на црвено месо не го зголемува ризикот од канцер на дојка, додека консумирањето процесирано месо го зголемува ризикот.
Друга студија која анализира податоци од две огромни истражувања спроведени во период од преку 30 години врз повеќе од 130 илјади мажи и жени, заклучува дека внесот на процесирано месо го зголемува ризикот од рак на дебело црево, но вели дека не постојат докази дека црвеното месо значително го зголемува ризикот од рак на дебело црево.
Научна статија од октомври 2023 год, каде се зборува за огромно истражување спроведено исто така 2023 год., вели: „Инфламацијата е фактор на ризик за многу хронични болести, вклучувајќи ги и кардиоваскуларните болести, а влијанието на исхраната врз инфламацијата е област каде расте научниот интерес [сега значи расте интересот во целокупната исхрана, Еурека!]. Особено, препораките за ограничување на потрошувачката на црвено месо често се засноваат, делумно, на стари студии [примитивизмот] кои сугерираат дека црвеното месо негативно влијае на инфламацијата – сепак поновите студии не го поддржуваат ова.“
Тука исто така се вели: „Улогата на исхраната, вклучително и црвеното месо врз инфламацијата и ризикот од болести не е доволно проучена, што може да доведе до препораки за јавно здравје кои не се засноваат на силни докази.“ Научникот вели дека науката не проучила доволно. А сепак имаме конзистентно лоши мислења од експертите за јавно здравје за црвеното месо и погрешни совети за сите вклучувајќи и луѓе со дијабет, рак или срцеви заболувања. Понатаму вели: „Нашата анализа не ги поддржува претходните опсервациски истражувања кои го поврзуваат внесот на црвено месо со инфламација. Препораките за намалување на внесот на црвено месо треба да бидат поткрепени со цврсти научни докази, какви сè уште не постојат.“
Но имајте на ум, дека кај човек кој има негативни здравствени елементи во својот живот (преку исхрана, вежбање, стрес, животни навики) секогаш ризикот од каков било проблем е зголемен. Па така и обратното важи. Науката може како влечење јаже да тегне лево, па на десно, но резултатите од праксата покажуваат дека правилната исхрана енормно го подобрува здравјето, а во неа спаѓа и месото, животинските масти, јајцата и верувале или не, жолчките од јајцата (кои третина свет ги фрла). Но правилната исхрана е многу повеќе од само јадење бидејќи таа е КОМПЛЕМЕНТАРНА со вежбањето, спиењето и животните навики.
Од искуство, моите луѓе на програма искусуваат подобрување на енергијата, емоциите, исчезнуваат мозолчиња, се зголемува плодноста, намалување на стресот, одмастување на црн дроб, подобра концентрација… Најголемиот дел од нив јадат месо. Секако ова не се должи на месото, туку на целокупната програма во која има исхрана и вежбање и се обрнува внимание на сите релевантни фактори.
НАЈВАЖНОТО НАУЧНО ИСТРАЖУВАЊЕ ОД СИТЕ НАУЧНИ ИСТРАЖУВАЊА
Би сакал да посочам уште едно научно истражување, најважното од сите. Се вика: човекова еволуција од милиони години. За време на ова научно истражување кое трае милиони години, човекот и неговите претци јадеа месо и човекот успеа да опстане до ден денес. Само денес кога почна да бега од месото и мастите, некако му се влоши еволутивниот тренд на опстанување и добивме намалена стапка на новородени, страотно намалување на плодноста, пад на тестостеронот, пораст на непреносливи заболувања… Бегајќи од месото и мастите, заборавивме да видиме дека одамна дишеме и јадеме хемија, изопачени жита со вештачка селекција и тонеме во синтетички вкусови и сладила кои така радосно им ги нудиме и на нашите најмали и најмили.
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
Здравствен тренер
Фитнес инструктор и тренер за кондиција и сила
Сертификуван нутриционист
05.02.2024