Ендорфини се еден вид хормони кои го намалуваат чувството на болка и стрес и го подобруваат расположението.
Всушност зборот ендорфин значи морфиум произведен во телото (Еndo = внатрешно, morphin = морфиум).
Тие се категорија на преку 20 супстанци од кои три се добро проучени, имаат слични својства и се излачуваат на различни места во телото но најмногу во мозокот.
Ендорфините делуваат така што се врзуваат за одредени рецептори во мозокот и нервниот систем, го блокираат преносот на сигналите за болка, а исто така создаваат и чувство на еуфорија или задоволство.
Имајте на ум дека моќта на хормоните не е во тоа да ги ИМАМЕ туку да ги ПРОИЗВЕДУВАМЕ. Тука објаснив подетално околу тоа.
Покрај нивните ефекти на ублажување болка и подобрување на расположението, ендорфините имаат позитивен ефект и врз другите системи во телото, како имунолошкиот систем и кардиоваскуларниот систем. На пример, намалуваат воспаленија и го подобруваат протокот на крв, коешто е корисно за целокупното здравје.
Ендорфините и вежбањето
Ендорфините имаат голема врска со вежбањето со тежини, бидејќи денес е познато дека физичката активност го стимулира излачувањето на ендорфини во телото.
Вежбањето со тежини е незаменливо. Се мислите дали да вежбате? Додека се мислите, пропуштате да бидете ваша подобра верзија од себеси.
Секако, ендорфините не се единствениот фактор кај вежбањето кој води кон подобрување на расположението. Вежбањето активира повеќе механизми и излачување на други хормони кои го подобруваат расположението и намалуваат стрес. Всушност, доколку вежбањето е правилно, СÈ што активира е во ваша полза.
Вистинското подобрување настанува кога правилното вежбање е стандардна пракса. Ендорфините кога се поттикнати на природен начин, како што е случај со вежбањето, имаат бесценети ефекти:
- намалуваат анксиозност и депресија
- го зголемуваат чувството на самодоверба
- го подобруваат расположението
- ја зајакнуваат емоционалната отпорност
- водат кон смиреност и релаксација,
БЕЗ ШТЕТНИ ПОСЛЕДИЦИ.
Други фактори кои стимулираат ендорфини
Покрај вежбањето и други активности стимулираат ендорфини во телото:
– Смеа: предизвикува излачување на ендорфини во мозокот, коешто дава чувство на задоволство и го намалува чувството на болка и стрес.
– Дружење: поминување време со пријателите и саканите стимулира излачување на ендорфин во мозокот, коешто води кон чувство на среќа и расположеност, особено кога работите во насока на постигнување заеднички и конструктивни цели.
За жал често дружбите се проткаени со алкохол којшто привидно го подобрува расположението и поттикнува чувство на задоволство, но директно ја намалува способноста да се искусува среќа во иднина. Затоа некои луѓе се привидно ведри, весели и раздвижени само во кафеана, но кога ќе ги видите на улица или во маркет, ја нема ведрината.
– Јадење лута храна: лутите пиперки, биберот, лукот и други лути намирници предизвикуваат излачување на ендорфини, коешто може да произведе благ релаксирачки ефект. Главниот механизам на излачување ендорфини со лута храна е заради чувството на горење и топлина во устата кое мозокот го идентификува како еден вид болка.
– Масажа: стимулира излачување на ендорфини, при што се поттикнува релаксација и се намалува чувството на болка и стрес.
– Секс: предизвикува излачување на ендорфини, при што се поттикнува чувство на задоволство и се намалува чувството на болка и стрес.
– Постигнување цел: кога работиме во насока на некоја цел или кога ќе постигнеме цел исто така се излачуваат ендорфини. Ефектот зависи од големината и вредноста на целта. Се чини како природата да оставила паметен механизам кој одвнатре ќе нè турка во насока на прогрес. Природата е организирана околу НАПРЕДОК.
– Присутност во сегашниот момент и вежби за присутност во сегашниот момент помагаат да се стимулира излачување на ендорфини во телото, кое води до релаксација и намалување на чувството на стрес и анксиозност. Не се сите техники за присутност со еднаква ефективност, но дефинитивно постојат.
За жал и дрогите, коцкањето и други штетни активности, непотребниот внес на шеќери… – можат да предизвикаат излачување на ендорфини, кое води кон обратната насока од прогрес, но сепак „одвнатре“ го влече човекот да ги извршува овие активности. И во тие случаи ендорфините предизвикуваат чувство на задоволство, но стануваат цел сами за себе и резултираат во влошување. Ова се гледа и во други активности кои иако не се толку штетни како дрогите на пример, водат кон ситни задоволства но за сметка на големо време и енергија – кои неалоцирани во насока на прогрес, се алоцираат во обратната насока.
Попречувачи на ендорфини
Одредени медикаменти и здравствени состојби ја попречуваат способноста за излачување ендорфини, меѓу кои:
- Некои препарати против болка
- Антидепресиви
- Алкохол
- Други дроги
- Многу кафе
- Постојани болки
- Хормонален дисбаланс
- Висок кортизол
Не постои замена за вистински напредок. Вежбањето и правилната исхрана нѝ ја даваат подлогата на која можеме да патуваме во насока на остварување на целите, притоа чувствувајќи се далеку посреќни и поведри отколку кога би биле без нив. Тогаш задоволството и ведрината служат како ветер во грб, а не како цел сама за себе.