Важна тема за секој кој сака поздрав начин на живот, за секој кој се стреми да оствари повеќе во животот. Важна е затоа што иако вложувате напори за подобар живот, околу вас изобилува од луѓе кои кренале раце па се обидуваат да ве приклонат кон клубот на „отпишаните“ за да не се чувствуваат сами.
Тие луѓе како вирус ја шират идејата дека здравиот начин на живот е привилегија на богатите. Дека правилната исхрана е привилегија на богатите. Едноставно таквите луѓе површно талкаат и кликаат низ животот, не гледајќи ништо подлабоко од букви и цени околу нив, не поимајќи дека постојат причини и последици – така не можат да сфатат дека талкаат во сопствениот затвор на површноста. Тоа е најголемиот проблем од кој страда денешниот просечен човек (затоа е просечен).
И не е само просечноста проблем, ние сме учени дека скапите нешта можат да си ги дозволат богатите. Вакви убиствени идеи се една од главните причини за робовскиот менталитет на жртва кај оние кои го имаат. Тие мислат дека мораат да бираат помеѓу пари и здравје. Не поимаат дека треба и дека можат да ги имаат двете.
Тоа е како да кажеме: „англискиот јазик можат да си го дозволат само оние кои говорат англиски“. Да – САМО ако немаш концепт дека можеш да научиш. Истото е и со „богатството“ – само ако немаш концепт дека можеш да создаваш.
Да беа здравите навики привилегија на богатите, тогаш и нездравите навики ќе беа исто. Инаку немаше да постојат „сиромаси“ кои:
- Пушат цигари
- Пијат 5 кафиња
- Пијат алкохол
- Земаат дроги
- Се коцкаат
Евидентно е дека постојат. Но постојат и „богати“ кои ги прават овие работи.
Овој менталитет кој размислува во насока на тоа дека „богатите“ имаат привилегии само затоа што се богати е робовски менталитет. Тоа е менталитетот на сиромашниот човек, бидејќи тој е сиромашен во душата, во идеите и концептот за иднината. Финансиската состојба не одредува сиромав човек, бидејќи најголемиот број успешни луѓе добро знаат што е беспарица. Сиромаштијата е во умот.
Таквиот менталитет не поима дека привилегијата се создава. И дека парите не го прават животот здрав или нездрав. Парите се како потенциометар за контрола на јачина на звук: ако на човек со робовски менталитет му дадете повеќе пари, тој ќе биде уште посилен роб. И тоа е првата работа што еден добро истрениран роб ја вели: дека парите се потребни за да има промена.
Да споредиме со едноставен пример од животот.
100 гр тарана чини 20 денари и содржи 70 гр јаглехидрати и 7 гр протеини. Тоа значи дека доколку генералната исхрана остане „стандардна“, тогаш 100 гр тарана содржи исто така:
КАЧУВАЊЕ НА НИВОТО НА ШЕЌЕР ВО КРВТА, потоа:
ПАЃАЊЕ НА НИВОТО НА ШЕЌЕР ВО КРВТА, потоа:
-
Стрв (повторна глад за некој час) проследено со повторно јадење или грицкање, благо и сокови. Тоа резултира во:
-
Намалена енергија, проследено со потреба од кафе, енергетски пијалоци и/или јаглехидрати кое води кон повторно јадење, благо, пиење сок, грицкање…
Нутритивната вредност на тараната не само што е безвредна и ненутритивна – туку е антинутритивна.
100 гр путер од кикирики чини 50 денари. Содржи 25 гр протеини и 50 гр масти. Тоа значи дека 100 гр путер од кикирики содржи исто така:
- Добра заситеност и нахранетост
- Нема качување на шеќерот во крвта
- Нема пад на нивото на шеќер во крвта
- Нема стрв
- Нема потреба за благо, сокови, грицки и екстра кафе
Ако некој мисли дека исхраната треба да се пресметува економски, НИШТО не разбрал за исхраната, ниту за здравиот живот.
Но ако сепак сакате, повелете, пресметајте колку чини 100 гр тарана + сиренце + кечап + смоки + пола литро сок + чипс + кафиња. Повеќе од 50 денари, нели? На тоа додадете + немање енергија + стрв + раздразливост + немање фокус… Обично следи додавање на + тестирања/лекувања + инвитра + постоперативни рехабилитации + физикални терапии + чекање по болнички ходници…
Наравоучение:
НЕ ТРЕБА МНОГУ ЗА ЧОВЕК ДА НАУЧИ КАКО ДА ИЗБЕРЕ ПРАВИЛНА ИСХРАНА КОЈА ВОЕДНО Е И ЕКОНОМСКИ ДОСТАПНА.
СÈ ШТО Е ПРАВИЛНО И ЗДРАВО – ГО ЗГОЛЕМУВА ПОТЕНЦИЈАЛОТ ЗА ОСТВАРУВАЊЕ ВО ЖИВОТОТ.
САМО ЛУЃЕ ШТО СЕ УБЕДЕНИ ДЕКА НЕМААТ ПОТЕНЦИЈАЛ МИСЛАТ ДЕКА ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА ПОТЕНЦИЈАЛОТ КОШТА.
„КОШТА“ значи „ОДЛИВ“
„ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПОТЕНЦИЈАЛ“ е „ПРИЛИВ“!
РОБОВИТЕ МИСЛАТ ДЕКА ПРИЛИВОТ Е ОДЛИВ! ЗАТОА СЕДАТ ВО МЕСТО И КУКААТ КАКО ИМ Е СКАПО И ТЕШКО, НАМЕСТО ДА СЕ ЗАФАТАТ СО НАПРЕДОК.
ЗДРАВИОТ НАЧИН НА ЖИВОТ НЕ Е ПРИВИЛЕГИЈА НА БОГАТИТЕ, ИНАКУ НЕ БИ ПОСТОЕЛЕ БОГАТИ КОИ ЖИВЕАТ НЕЗДРАВ ЖИВОТ.
ТОЈ Е ПРИВИЛЕГИЈА САМО НА ОНИЕ КОИ УСПЕВААТ ДА НАУЧАТ ПОВЕЌЕ И ДА ИМПЛЕМЕНТИРААТ ПРАКТИЧНО ЗНАЕЊЕ ВО СВОЈОТ ЖИВОТ.
Едно е да се издигнеш од сиромаштија, а друго е да седиш на кауч со пивото потпрено на стомакот навивајќи за Роналдо или некој друг кој се издигнал од сиромаштија. А потоа кога ќе почнат вестите, да знаеш сè околу тоа колку системот те кочи и не ти дава да успееш. Тоа е денешниот просечен човек.
П.С. Некој можеби ќе праша дали авторот се смета за просечен или натпросечен.
Авторот работи во насока на постојан напредок и како резултат на тоа остварува постојан напредок во многу сфери во животот. Како таков, тој и кој било друг што го прави тоа не може да биде просечен.
Човек кој напредува – постојано се надминува себе си. Ова е антиотровот за просечноста и статусот кво. Колку повеќе такви луѓе имаме, толку подобри времиња ќе дојдат.
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
Здравствен тренер
Фитнес инструктор и тренер за кондиција и сила
Сертификуван нутриционист
21.11.2023