Медитеранска исхрана е еден од најдобрите начини како да се каже нешто без да се каже ништо.
Зошто е ова вака?
Затоа што медитеранска исхрана е многу општ термин.
Некои насоки дефинитивно се позитивни, но од таквите општи насоки никаде не стигнавме. За квалитетна промена потребно е многу повеќе од само „насока“.
Медитеранската храна се заснова на традиционалните кујни на Грција, Италија, Шпанија и другите земји околу Средоземното Море (Меди Теран = Средо Земно). Станува збор за регион каде директно спаѓаат 23 земји и уште 10 дополнителни земји кои не излегуваат директно на Средоземното Море но се сметаат за дел од овој регион во географска, историска, културна, итн., смисла.
За неа се вели дека е првенствено растителен план за исхрана кој вклучува дневен внес на цели зрна, маслиново масло, овошје, зеленчук, грав и други мешунки, јаткасти плодови, билки и зачини. Исто така се вели дека животинските протеини се внесуваат во помали количини, а најпосакуваниот животински протеин е рибата и морските плодови.
Не постои една стандардна медитеранска исхрана туку големи варијации во различни култури – Грците јадат поинаку од Италијанците кои јадат поинаку од Турците кои јадат поинаку од Шпанците, итн. Иако некои општи принципи им се заеднички, самиот термин „медитеранска исхрана“ е толку општ, што е исто како да сте кажале „здрава исхрана“. И опфаќа ТРИ КОНТИНЕНТИ.
Да се понуди медитеранска исхрана како решение е исто како да не се понуди ништо.
Затоа препораките за медитеранска диета ЗВУЧАТ добро но во пракса се предмет на толкувања со фантастична варијабилност. Колку макарони? По малку ли? Вино? Овес? Манџа. Компир, пилешки стек? Салати?
Но, доколку сакаме да бидеме прецизни и практични за да постигнеме ефективна промена во животот, мораме да направиме една диференцијација која по сè изгледа дека во образовниот систем и учебниците ја нема:
„Исхрана“ и „кујна“ не е исто.
„Исхрана“ и „храна“ не е исто.
Терминот исхрана треба да биде многу попрецизен и позначаен термин.
Разјаснување на основата во исхраната
Еве еден мој скромен предлог кој ќе го промени начинот на размислување и принципите на работа во повеќе полиња (нутриционизам, фитнес, медицина, биологија…). Ова е мојата дефиниција по која јас функционирам.
Исхрана: видот, количината и соодносот на храната што човекот ја јаде со одредена фреквенција кон одредена цел.
Гледате, имаме вид, количество, сооднос, фреквентност и ЦЕЛ. Во општите препораки и стандардната едукација има катастрофални препораки за видот и количествата. Постои бледа преширока рамка за сооднос и фреквентност. Исто така, се посочуваат одредени намирници во насока на некои бледи цели, како „зрнеста храна за намалување на ризикот од одредени видови рак“ (што и само по себе е многу дискутабилно).
Оние кои препорачуваат неупотребливи препораки уживаат да ја препорачуваат медитеранската исхрана. На тој начин нема да научите ништо освен дека тие се стручни а вие не сте стручни и дека треба да се обратите кај нив. 👍
Еве една таква препорака која ве остава без компас: „Јадете умерена количина месо.“
Преку самото читање на Мускултура можете да дознаете далеку повеќе отколку со години работа под такви препораки. Впрочем, далеку повеќе отколку што знаат оние кои ги даваат таквите препораки.
Медитеранска исхрана е повеќе културолошки термин отколку нутритивна насока.
Колку месо е умерено за човек од 120 кг и за човек од 80 кг? Колку е за човек од 120 кг без вишок сало кој е висок 220 цм, а колку за човек од 120 кг кој е висок 160 цм? Ова се дел од спецификите кои ја прават разликата.
„Внесувајте маслиново масло.“ Колку маслиново масло? И дали заедно со 100 гр тестенини, или ориз, или без нив? Бидејќи и во која било комбинација е сепак медитеранска исхрана. Има преголема разлика во ефектите кои ќе се создадат во телото ако имате 100 гр тестенини или ако имате 20 гр тестенини или нула. Три различни ефекти, а сепак медитеранска исхрана.
„Се базира на зрнеста храна (жита).“ Колку жита (јаглехидрати) дневно?
Тука влегуваат пица, теста и лебови. Умерено ли?
Затоа таа не дава нутритивна насока, туку во најдобар случај претставува опис на кујната на културите кои се наоѓаат во медитеранскиот регион. Кујната кажува што се јаде и како се готви. Исхраната (доколку некој ја прави со разум) кажува колку, во кој сооднос, колку често (фреквенција) и зошто (цел). На пример промена на факторот цел може да ги промени преостанатите фактори.
Ако сакаме да зборуваме површно (тоа е денес модерно и се чини задолжително) тогаш ќе речеме дека кинезите јадат риба и ориз. И ќе си мислиме дека риба и ориз е ОК. Но 1% риба и 99% ориз? Или обратно? Или пола-пола? Сите овие варијации даваат различни хормонални реакции кои потоа даваат различни ЕФЕКТИ во телото и во умот.
Кетогена исхрана во споредба со медитеранска храна
Ако се обидете да споредите кетогена исхрана и медитеранска храна ќе погрешите бидејќи тоа се две различни категории. Кето не е само исхрана туку е состојба и освен со автофагија и постење, не се споредува со ништо друго. Од друга страна, човек може да јаде кето и да биде веган. Може да јаде кето и сепак да спадне под медитерански насоки. Дури и во исхраната што ја темелат на крвни групи, човек може сепак да јаде кето. КЕТОЗА Е СОСТОЈБА.
Исправноста на еден начин на исхрана
Ако си мислите дека со векови сме јаделе на медитерански начин (како што говорат нејзините проповедници) и дека заради тоа овој начин на исхрана е најдобар, тогаш да ве потсетам дека стотици милениуми сме јаделе на сосема друг начин, без житни лебови, тестенини и компири. (милениум = илјада години)
„И нашите баби и дедовци јадеа месен леб.“ Ако временскиот период е критериум според кој се одредува исправноста на една исхрана, тогаш од аспект на исправноста – скромно кажано 250-300 илјади години како Хомо сапиенс би требало да имаат предност пред нашиве 50-100 или 500 години.
Но проблемот не е во јаглехидратите. Проблемот е што тие денес ПРЕОВЛАДУВААТ во нашата исхрана, дополнети со сите штетни збунувачи на телото, под команда на убиствените но навидум невини препораки.
Долговечноста како критериум за исправност на начинот на исхрана
На пример Италија и Шпанија се меѓу првите 10 земји со највисок животен век во 2023 година. И замислете, тоа се припишува на медитеранската храна! Не ја купувајте приказната за долговечност на одредени нации. Тоа се површни идеи кои исто така се резултат на површното разбирање и длабокото неразбирање на денешното просечно стручно, а и нестручно лице. Зошто денес долговечноста е потполно невалиден критериум – подетално ќе прочитате во некоја од наредните статии.
Најдобрата исхрана се гледа по резултатот
Ако ги прегледате статистиките ќе видите дека стапките на разните заболувања како дијабетес, рак, срцевите заболувања, односно непреносливите болести растат во последните векови. Некои служби медитеранската диета ја прогласуваат за најдобра и најздрава бидејќи најдобро влијаела врз срцевото здравје. Но ако ги погледнете здравствените статистики на триесетте земји кои спаѓаат под медитеранската област, ќе видите најлоши состојби ДОСЕГА! Многу логична последица ако ги земете предвид официјалните препораки на естаблишментот.
На пример, 40% од Грците имаат висок притисок! Науката вели: „Алармантен е товарот од кардиоваскуларните фактори на ризик кај возрасните Грци. Постои значителен потенцијал за превенција и итно се потребни активности за здравствена заштита на општествено ниво.“
Стапка на дијабетес
Стапка на екстремна дебелост
Професионалноста на препораките
Да дадете совет дека медитеранската исхрана е добра, е исто како да кажете: „Треба да се бавиш со спорт“ без да кажете кој спорт, со колку напор, колку често, дали при тој спорт ќе добиваш боксови во глава или ќе удираш топче на тревник.
Но токму тие совети доаѓаат од луѓе кои само такви совети и даваат: општи и неупотребливи.
„Треба физичка активност.“
„Треба да се јаде умерено.“
„Од сè по малку.“
„Треба да се внесува разновидна храна.“
„Ринге-ринге-раја.“
„Џингрлака-џики-цак.“
Мислите дека се шалам, но помеѓу претходно наведените изјави нема никаква разлика во нивната вредност и применливост. Па така ако му кажете некому да јаде умерено е исто како да сте му кажале „џингрлака-џики-цак“.
Важен фактор за здравствениот бенефит кој ѝ се припишува на медитеранската кујна е маслиновото масло коешто е главен извор на масти. Чистото, ладно цедено маслиново масло е толку моќно што е буквално лековито. (Но тие упорно нè учат „умерено со мастите“ па одвај ставаме по малку колку за вкус).
Здравствените бенефити сигурно не се должат на тестенините, лебот и оризот.
Грешката со прифаќање на неупотребливи насоки како „храни се по медитерански начин“ е дека ако ги прифатите ќе останете во раце со никаква специфичност и ќе си мислите дека лепче, компирче, салатка и малку мевце е здрава храна. Ќе си мислите дека „умерено, од сè по малку“ е клучот за здравјето, додека всушност тоа е убиствена филозофија. Тоа е главната причина за здравствената катастрофа која влијае во Македонија, на Медитеранот и во светот.
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
Здравствен тренер
Фитнес инструктор и тренер за кондиција и сила
Сертификуван нутриционист
13.11.2023