Стресот тера на јадење отпосле, откако ќе спласне.
Во состојба на зголемен стрес, умствен или физички, во телото се зголемува излачувањето на кортизол – хормонот на стресот.
Зголеменото излачување кортизол за умот и за телото значат ИТЕН СЛУЧАЈ.
Тој предизвикува телото да не обавува многу од своите процеси, бидејќи итноста е ставена на добивање енергија, но не од храната туку од ткивата на телото кои кортизолот ќе ги разградува и ќе ги претвора во шеќер (гликоза) без разлика колку храна сте јаделе. Кортизолот прекинува доста процеси во телото меѓу кои и процесот на варење и искористување на храната бидејќи за него е состојба на итност кадешто нема време да обработува, енергија е потребна итно. Во моменти на покачен стрес односно кортизол, се потиснува и чувството на глад.
Проблемот со кортизолот е кога тој е хронично покачен. Во тој случај неизбежно ќе ги разградува и мускулните ткива за да создава енергија.
Во исто време заради покаченото ниво на шеќер во крвта се покачува и инсулинот.
Бидејќи во момент на стрес голем дел од телото не може да ја користи енергијата што му е потребна, а таа што ја вади од самото тело е назначена само за областите што се битни за бегање или борење (очи, уши, нозе, раце) тоа значи дека во момент на стрес, голем дел од телото прекинува да се храни на некој начин. Кога ќе помине стресот, телото бидејќи било лишено од енергија и храна за време на стресот, сега почнува да бара енергија и храна и секако сигналот за тоа е гладта.
Дополнително на ова, покачениот шеќер за време на стресот, сега нагло ќе падне и тоа исто така предизвикува стрв.
Постои двонасочна врска помеѓу гојазноста и стресот. Едното со другото се надополнуваат. Колку повеќе масни клетки има, толку повеќе активатори на кортизол постојат во организмот. Колку повеќе активиран кортизол, толку поголема склоност кон повеќе масни клетки.
„До неодамна, се сметаше дека главната причина за пандемијата на гојазност е дисбалансот помеѓу внесената енергија и потрошената енергија. Сепак земајќи ги во предвид ефектите на хроничната изложеност на кортизол, се појавуваат сè повеќе докази дека кортизолот е и главниот раководител во оваа пандемија.“ – Научно истражување од 2018 година.
Фактот дека е така, секојпат се докажува во нашата пракса преку воведување на правилна исхрана и вежбање, коешто во нашите програми самите луѓе го забележуваат и изјавуваат дека нивото на стрес им е намалено. Општо земено, луѓето толку се навикнати да живеат со покачен стрес што покаченото ниво изгледа како „нормално“ ниво. Но кога стресот ефективно ќе се намали, на човек му станува очигледно колку всушност бил притиснат за целото тоа време.
„Веќе не прегорувам во текот на денот како што беше случај до скоро, а истите активности и ангажмани ги имам.“
„Бидејќи не сум напнат и не се карам како претходно, жена ми ме праша да не сум неарен нешто. Поарен не сум бил!“
Разберете дека стресот не е еднострана работа. Стресот е притисок кој се врши врз нешто. Колку е посилен притисокот толку посилен ќе биде стресот. Ова е едната страна. Другата страна е дека колку е посилен примателот на притисокот, толку помал е истиот тој притисок. Затоа не гледајте на стресот како на нешто неменливо, туку тој може да се контролира, особено преку лично напредување и зајакнување.
Зголемениот кортизол го намалува директно тестостеронот и хормонот за раст, едни од главните одговорни хормони за мускулен раст и согорување на вишокот масти.
Но покачувањето на хормонот за раст го намалува кортизолот. Вежбањето, доволното спиење и правилната исхрана влијаат позитивно врз организмот и ја намалуваат подложноста на стрес. Овие три нешта ве прават посилни. Така се намалуваат ефектите на стресот.