Имаме многу празници кои ја слават заложбата за слобода.
Од овие празници може, а и треба многу да се научи, поточно од луѓето заради кои денес ги славиме. Во тоа сметам дека е и вредноста на празнувањето. Го славиш делото, резултатот, залагањето и луѓето кои тоа го правеле И ПОКРАЈ СÈ.
Нивната заложба треба да биде потсетник дека секогаш е неопходно да се залагаме за нашите слободи.
Тука спаѓа заложбата на сите видови борци. Тука се писателите, поетите, сликарите, наставниците… и сите оние кои ја работат својата професија со максимална заложба.
Во светот постоеле и постојат многу парадокси.
Нормално е да се трудиш за да успееш да патуваш во свемирот. Да работиш, да истражуваш, да се залагаш. Да се бориш за да успееш да бидеш светски рекордер во скок на далечина. Или во пливање.
Но да мораш да се бориш за да можеш да живееш со достоинство, човечки и здраво, е парадоксално. Тоа самото по себе укажува дека постојат елементи кои се против достоинственото и човечко живеење.
Парадоксално или не, без активно залагање за слобода, неа ја снемува.
Што научивме од нашите борци за слобода? Како тоа може да се употреби во животот?
Што е слобода?
Слобода е потенцијал и можност за живеење, и слобода е самото живеење.
Многу често луѓето имаат замисла дека „слобода е да можеш да правиш што сакаш“ па и лоши работи. Но тоа го нарушува потенцијалот за живеење. Тоа ја нарушува слободата и создава неслобода.
Ако го нарушува потенцијалот за живеење, тогаш повторно доаѓаме до парадоксот бидејќи тогаш некој или нешто ќе мора да се бори против нарушувачот. Така „слободата да правам лошо“ или „да не правам ништо“ односно „слободата од одговорност“ се претвора во неслобода. Не може а да не се претвори.
Примери за слободи:
- Движење
- Изразување
- Работа
- Семејство
- Едукација
- Здравствено осигурување
Овие слободи се загарантирани слободи на секоја жива единка. Но слободата не е овозможена од фактот дека таа е загарантирано право.
Слободата се овозможува преку активно залагање за неа.
Рековме дека слобода е потенцијал за живеење, а и самото живеење. Можеме да речеме дека таа е можност за создавање, а и самото создавање.
Сè што нè надградува нѝ ја зголемува слободата бидејќи добиваме поголем потенцијал да создаваме. Штом зборуваме за можност за создавање, зборуваме за ИДНИНА.
Секоја вештина е слобода која го зголемува потенцијалот за подобро живеење.
Човек кој има пари да купи храна има слобода. Но доколку знае која храна е добра а која не, има уште поголема слобода. Човекот кој не знае дека купува штетни материи, ја користи својата слобода на штетен начин без да знае. Тоа најпосле резултира во некаква неслобода. Нема да може да извршува одредени активности. Или ќе мора да оди по лекари, наместо да биде со семејството, на работа, на одмор…
Доаѓаме до заклучок дека слободата не се гарантира, таа се остварува. Никој не може да ви гарантира дека вие правилно ќе се храните, доколку самите правилно не се храните. Слободата бара да „работиш“ за неа, да се залагаш. Постојано!
Секој човек има право на здрава исхрана и здрав живот, но погледнете ги статистиките во општеството и видете колку е здрав тој живот. Секој индивидуално мора да се избори за своето здравје – а тоа повторно самото по себе е парадокс и укажува на тоа дека постојат елементи кои се против здравиот живот, инаку не би морале толку да се бориме. Фактот дека го имаш правото, не ја елиминира потребата од активно залагање.
Постои разлика помеѓу запишаниот факт и континуираното остварување на тој факт во стварноста преку дела. Пишаниот збор и делото се различни работи. Оние кои не ја разбираат таа разлика се неслободни луѓе. Оние кои ја разбираат, се слободните луѓе. Тие се ВО акција кон напредок.
Оние кои пред нас се залагаа со сè што е потребно за да се оствари слобода, се оние кои самите во своите срца, пред сè биле слободни. Затоа можеле да се залагаат без разлика на сè. Таа слобода не можела да им биде одземена, бидејќи е во срцето, во душата. Во победничкиот став.
Тоа е менталитетот дека ќе направам сè што е потребно за да биде подобро. Без задршка.
Заради нив ние денес ја имаме МОЖНОСТА да уживаме во правата и слободите. Од нив имаме и задача тоа да го правиме. Не обратното. Кога слободата ја земаме здраво за готово, го губиме од видик степенот на потребното залагање за таа да остане реалност. И кога ќе стане тешко, немаме претстава колку залагање е потребно. И до тој степен слободата може да исчезне. Исто како што во најсовремено време здравјето на многумина неприметно се намалува до надпандемиски степен на срцеви заболувања.
Затоа исхраната и вежбањето во Мускултура не се површни работи, туку првото ниво на заложба за личната слобода.