Паника: многу силно чувство на страв и загриженост што предизвикува човек да дејствува без нормално да размислува.
Со оглед на фактот дека холестеролот и мастите се именуваат како едни од главните причини за срцевите заболувања, а број еден причина за смрт во светот се токму срцевите заболувања – постои голема, голема паника околу холестеролот и мастите.
Срцевите заболувања се во пораст.
Во конфузијата јасно се слуша:
1) Лош холестерол
2) Добар холестерол
Тоа се фиктивни термини.
Не постои лош ниту добар холестерол. Холестеролот е холестерол.
Холестеролот се асоцира со разни срцеви заболувања, запушување во крвотокот, срцеви напади, мозочни удари. Да беше сета таа паника базирана на факти, тоа ќе значеше дека сите луѓе со вакви заболувања имаат висок холестерол. Но не е така.
Вистината за холестеролот
Лесно се споменуваат ризици но не така лесно се споменува колку е холестеролот есенцијален за живот.
Телото произведува холестерол во многу поголема количина отколку што внесуваме преку исхрана. Обвивката на секоја клетка во телото содржи холестерол како нејзина главна состојка. Обвивката ја штити клетката и регулира што може да влезе во неа и во која количина.
Многу важни хормони произлегуваат од холестеролот. На пример тестостерон и естроген. Без холестерол нема производство на витамин Д во телото. Киселините во жолчната течност одговорни за разложување и искористување на мастите, се добиваат од холестерол. И уште една мала работа: тој е клучна состојка за создавање нови клетки.
Не постои лош холестерол. (Постои паника.)
Кога се зборува за „добар холестерол“ и „лош холестерол“ всушност се зборува за нешто сосема друго. „Добар“ и „лош“ се веќе застарени но сè уште популарни ознаки што водат до заблуда. Заблудата е делумно купена, делумно од веќе застарени „знаења“. Во следна прилика ќе објасниме како и зошто е купена.
Холестеролот е масна супстанца и не се меша добро со вода односно крвта. Затоа се врзува со друга супстанца за да може преку крвта да допатува кај клетките и органите на кои им е потребен.
Транспортерите
Транспортерите што го пренесуваат холестеролот се липопротеини.
Тоа се соединенија направени од масти и протеини. (Lipos е грчки збор за маст.)
Липопротеините се превозниците и на други супстанци, како витамините А, Д, Е, К и масти.
Постојат пет вида липопротеини, но оние што најчесто се слушаат се low-density lipoprotein (LDL) односно липопротеини со ниска густина и high-density lipoprotein (HDL) односно липопротеин со висока густина.
Кога велат „лош холестерол“ мислат на LDL, а со „добар холестерол“ мислат на HDL.
Вистината е дека LDL и HDL не се видови на холестерол – тие се само транспортерите. Товарот што го превезуваат – холестеролот – е истиот.
Разликата помеѓу HDL и LDL
HDL – добриот холестерол
Честичките на HDL се произведуваат во црниот дроб и цревата. Содржат повеќе протеин од другите липопротеини. Ова ги прави погусти и затоа се наречени „со висока густина“.
Се смета за „добар“ холестерол затоа што HDL го собира сиот холестерол што не е искористен во телото и го враќа до црниот дроб каде ќе се разложи за понатамошна употреба или делумно ќе се исфрли. Поседува заштитни и антивоспалителни својства што го регулираат имунолошкиот систем.
Превисоко ниво HDL може исто така да претставува ризик.
Какви функции врши озлогласениот липопротеин со ниска густина (LDL)
Честичките на LDL носат холестерол до клетките.
Телото не може да функционира без LDL. Тоа што се нарекува „лош“ е тенденциозно.
Негативната страна е што LDL честичките поспоро патуваат и можат под одредени услови да се заглават во крвотокот. Заглавени, во реакција со други честички почнуваат да се разложуваат. Кога се разложени, LDL честичките под одредени услови можат многу полесно да навлезат во ѕидот на артериите (крвни садови што носат крв од срцето до другите делови на телото). Тоа создава наслаги во артериите (наречени плоча) и така ги стврднува и стеснува. Ова е еден од начините како се влошува срцевото здравје.
Логично следи дека колку повеќе LDL честички има во организмот толку поголеми се шансите за кардиоваскуларни (срце и крвоток) заболувања. Ова е многу различно од „колку вкупно холестерол носат LDL честичките“.
Меѓутоа ова не значи дека малите LDL честички се лоши и непотребни. Тие се неопходни за да спроведат нутриенти до местата каде што големите LDL честички не можат. Во секој случај, LDL се есенцијални за живот. Есенцијални, а не лоши.
Потребни параметри
Стандардните тестови на крвта не го мерат бројот на LDL честички, ниту нивната големина (и тоа е важно) туку вкупната количина на холестерол присутна во LDL и HDL честичките. Од времето кога ваквиот тест беше најсовремен па до сега, се утврдија многу нови и беа порекнати многу стари наоди. Ама кој завршил студии нема што да учи повеќе, нели.
Тоа значи дека еден стандарден тест не прави разлика колку превозници постојат. Ја покажува само количината на нивниот вкупен товар. Додека она што е важно е бројот на превозници и нивната големина односно капацитет на товар. Колку повеќе, а помали LDL честички постојат, толку е полесно под одредени услови да навлезат во артериите и да формираат талог односно стеснување на артериите или запушување. Дури иако вкупниот LDL би бил во нормални граници.
Затоа, не е вистина дека покачено ниво на LDL во крвта претставува ризик. Може да биде но може и да не биде. Исто не значи и дека со нормално ниво на LDL не постои никаков ризик. Потребни се други параметри за да се утврди ризикот. „Ризик“ утврден според стандарден тест е во најмала рака ограничена претпоставка заради многу причини.
- Една од нив е дека ниско ниво на HDL има ефект на високо ниво на LDL дури и LDL да е во нормални граници. Бидејќи HDL е чистачот на неискористениот LDL.
- Друга суштински важна причина е големината на превозникот, односно на LDL честичката.
- Постојат други фактори, исто така од суштинска важност, што одредуваат дали и веќе малата LDL честичка ќе навлезе во ѕидот на артериите. На пример, факторите што придонесуваат за нејзина интеракција со одреден тип честички во телото, што ја зголемува тенденцијата на LDL честичката да навлезе во ѕидот.
- Колку се помали LDL честичките, под одредени услови толку е поголема шансата да навлезат во ѕидот на артериите. Па така еден тест што покажува покачено ниво на LDL може да биде протолкуван како опасност по здравјето, а доколку тие LDL честички се во главно големи, опасноста од стврднување, стеснување или запушување на артериите речиси и не постои. Особено ако HDL е во добра концентрација и ако мастите наречени триглицериди се во нормални рамки.
Триглицериди
Исто како што аминокиселините се градбена единица на протеинот, така масните киселини се градбена единица на мастите.
Триглицериди се масни честички. Телесните масти и сите масти од исхраната, добри или лоши – содржат триглицериди. Тоа се споени групи на масни киселини и во секоја „група“ се содржани по три молекули на масни киселини.
Покачено ниво на триглицериди во крвта може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања. Ова не значи дека сами по себе се лоши.
Триглицеридите се неопходни за складирање и искористување енергија.
Како патуваат триглицеридите во телото? Спакувани со липопротеини. Еден вид од овие липопротеини се нарекуваат VLDL (very low-density lipoproteins) – односно липопротеини со многу ниска густина. VLDL честичките содржат триглицериди и холестерол. Остатокот од VLDL, откако ќе се растоварат триглицеридите во разни делови од телото, се реапсорбираат во црниот дроб. Таму се претвораат во LDL честички и се лансираат во крвотокот.
Масните ткива и вишокот масти во телото се всушност составени од триглицериди (и холестерол).
Масните ткива во телото се составени од триглицериди, но тие масти не доаѓаат исклучиво од мастите во исхраната. Тие се создаваат во црниот дроб и преку вишокот јаглехидрати во исхраната. Исто така можат да се создадат од прекумерен внес на протеини а недоволен внес на масти. Соодносот на протеини, масти и јаглехидрати во исхраната е многу битен. (Мастите од исхраната сами по себе не активираат складирање сало.)
Јаглехидратите се претвораат во шеќер во крвта. Шеќерот што нема да биде искористен се складира а ако складиштата се веќе полни (што е најчестиот случај со голем број луѓе) се претвора во масти (триглицериди) коишто патуваат низ крвта за да се складираат како масни ткива.
Претежно јаглехидратна исхрана, особено ако е во опсегот на популарно-препорачаните количини – 45-65% од вкупниот внес на калории (вистинскиот извор на паниката) енормно ги зголемува шансите за зголемено ниво на триглицериди во крвта.
Постојан внес на јаглехидрати, односно високо ниво на шеќер во крвта – спречува искористување на мастите за енергија (согорување на триглицериди). Ако се храните претежно со јаглехидрати како извор на енергија, телото ќе создава масти и ќе ги таложи.
Зошто не може да се искористат мастите?
Телото не добива шанса кога да ги искористи бидејќи секогаш има внес на јаглехидрати и оттаму потреба за нивна конверзија во масти.
Инсулинот мора приоритетно да се впушти во работа за да го оттргне вишокот шеќер од крвта (високо ниво на шеќер е токсично за телото). Топењето масти станува „небитно“ бидејќи алармот е за да се оттргне шеќерот. Не само што го блокира топењето на масти, покачениот инсулин е тој што предизвикува формирање на триглицериди од вишокот шеќери.
Исхрана и вежбање
Во состојба на кетоза се зголемува нивото на HDL, се намалува нивото на триглицериди (бидејќи тие стануваат главниот извор на енергија за телото и се искористуваат), честичките на LDL стануваат поголеми и се намалува нивниот број додека количината на вкупен LDL може да се намали или да остане иста. Во периодот на адаптација кон кетоза LDL може и да биде над границата бидејќи слабеењето ги топи мастите од масните клетки и заедно со тоа го ослободува и холестеролот во крвта кој стоел во масните клетки. Kетозата го одржува инсулинот во нормално, а не покачено ниво, на тој начин нема висок внес на шеќер, воспаленија и генерирање талог. Друго, ги активира хормонот глукагон и хормонот за раст кои меѓу другото, се едни од најглавните топачи на масти.
Доколку ја промените исхраната на минимален внес јаглехидрати, умерен внес протеини и висок внес масти, ќе го префрлите телото во режим на согорување масти. Тоа ќе почне ефективно да ги согорува триглицеридите и нема да ги гомила. Постои конкретен начин на исхрана како да се префрли телото на согорување масти.
Вежбањето со висок интензитет, заедно со овој начин на исхрана прават телото да функционира на согорување масти – ќе ги согорува вишокот телесни масти и мастите од исхраната. Ова значително ќе го забрза градењето мускули. (Не значи дека некој што нема вишок телесни масти ќе слабее.)
Оваа комбинација носи многу придобивки со себе доколку се практикува правилно, заедно со потребниот внес на витамини и минерали, зеленчуци, вода и доволно спиење.
Еве само некои од нив:
-
- Подобро (кардиоваскуларно) здравје.
- Го оптимизира хормоналниот систем.
- Побрз раст на чиста мускулна маса.
- Побрзо намалување на вишокот телесни масти.
- Истовремено градење мускулна маса со губење вишок сало.
- Зголемена физичка и ментална енергија.
- Зголемена ментална бистрина.
- Подобар сон.
- Посилно тело.
Ова е обратно од општиот тренд, не?