Инсулин е хормон кој се активира заради присутност на јаглехидрати односно шеќери во крвта. Тој ги собира шеќерите и ги распределува за моментална употреба за енергија, дел складира во мускулите и црниот дроб (доколку не се веќе полни) а остатокот го претвора во масти и ги складира. Исто така складира и масти од исхраната, но тие не го активираат.
Инсулинот е хормонот кој прави дебелеење. Го поттикнува телото да складира масти наместо да ги топи за енергија.
Меѓутоа неговите ефекти, како што е со сите хормони, зависат од вашите активности и начин на исхрана.
Oва не значи дека инсулинот е непотребен. Тој мора да постои во телото и да ги врши своите функции. Но доколку често внесуваме јаглехидрати, му даваме покана на инсулинот често, засилено да се лачи. Покачен инсулин значи стоп на согорување вишок масти. Значи и многу други непосакувани здравствени состојби, сега или во иднина. А покачен шеќер во крвта намалува излачување на хормонот за раст. На тој начин се лишуваме од можниот прогрес и во вежбањето.
Што подразбираме под висок инсулин
Висок инсулин во нашиот вокабулар тука не значи само ниво на инсулин кое е над стандардните вредности испишани на лабораториските тестови на крвта. Доколку нивото ја надминува стандардната граница, очигледно тоа е високо ниво на инсулин но ова тогаш покажува многу потенцијални фактори кои го одржуваат инсулинот покачен дури и во изгладнета состојба (нели, на гладно се прави тестот). Овие фактори можат да бидат: често високо ниво на хормонот на стресот (кортизол), влошена способност на телото да ги искористува јаглехидратите, или други состојби.
Висок инсулин значи дека во текот на денот често предизвикувате висок одзив (излачување) на инсулин. Дури и да не е високо количински, доколку е често, тоа е исто така високо. Се разбира, доколку не сте ја достигнале точката на влошена функција на инсулинот, чекањето 8 часа без храна пред тестот за инсулин најверојатно ќе покаже нормално ниво на инсулин, но доколку инсулинот го одржувате покачен преку денот, вие живеете со висок инсулин.
Јаглехидратите и инсулинот
Сите јаглехидрати не предизвикуваат еднаков одзив на инсулин. Брзите јаглехидрати како шеќер, леб, итн., – предизвикуваат брзо излачување на инсулин. Спорите јаглехидрати предизвикуваат побавен одзив на инсулин – грав, леќа, грашок, компир. („Брзо“ и „споро“ се однесува на брзината на разложување на хидратите во телото. Поголема брзина = поголем одзив на инсулин.)
Овошјата содржат шеќер, но доколку се конзумираат цели (не цедени) и не во големи количини, не предизвикуваат силен одзив на инсулин. Тие содржат диетални влакна кои се всушност и најсложените јаглехидрати. Влакната не се апсорбираат во телото, односно целосно се исфрлаат и како такви немаат калориска вредност. Влакната го успоруваат разложувањето на шеќерите и со тоа предизвикуваат помало лачење на инсулин. Јадете ги овошјата цели. Во исхрана која е поволна за хормоните, диеталните влакна се неизоставен дел. Зелените салати се одличен извор на диетални влакна.
Меѓутоа оваа поделба на спори и брзи јаглехидрати не значи дека спорите хидрати не предизвикуваат дебелеење и намалување на хормонот за раст.
Како што внесувате јаглехидрати во текот на денот, така навлегувате во состојба во која телото има сè помала причина да ги користи мастите како извор односно гориво за енергија.
Но доколку на пример внесете 40 грама брзи јаглехидрати наеднаш, веднаш ќе се прекине искористувањето на масти за енергија, бидејќи нели, имаме свежа, готова шеќерна енергија.
Значи, поделбата на брзи и спори (прости и сложени) јаглехидрати има некаква важност доколку не надминувате 20-40 грама дневно. Како што наголемувате над 40 грама, така сè помала е важноста дали се тоа спори или брзи јаглехидрати.
Протеините и инсулинот
Протеините исто така поттикнуваат излачување на инсулин но во далеку помало количество отколку јаглехидратите. Во секој случај доколку вашата исхрана се состои во главно од протеини ќе имате висок инсулин, честа глад, умор и други отежнувачки ефекти. Доколку протеинот е во комбинација со здрави масти во исхраната во правилен сооднос за вас заедно со другите фактори кои сочинуваат здрава и правилна исхрана, тогаш нема да имате високо покачување на инсулинот и ќе можете да ги жнеете сите придобивки од тоа што инсулинот ќе ви работи така како што бил создаден да работи.
Прочитај за другите хормони