Вежби за мускулна маса и сила – сложени вежби
Вежбите претставени овде се наменети за зголемување на мускулната маса и сила. Нивната ефективност се состои во нивниот ефект врз хормоналниот систем. Наречени се уште и сложени вежби бидејќи влијаат на повеќе мускули одеднаш и затоа предизвикуваат поголем напор од страна на телото, а тоа активира посилен хормонален одзив. Односно, го зголемуваат излачувањето на тестостерон и хормонот за раст кои се едни од најважните хормони за градење мускулна маса и топење сало.
Доколку на пример сакате да ги истакнете стомачните мускули, тоа не се постигнува со нивно директно вежбање без да ги правите и сложените вежби.
Затоа доколку во вашиот режим на вежбање имате посветено неколку вежби за стомачни, а истиот не е добро балансиран со сложени вежби, не правиме ништо.
Телото и хормоните сочинуваат еден целокупен систем. Тие функционираат взаемно. Потребно е целото тело да се активира во режим на градење мускулна маса и топење масти. Сложените вежби директно помагаат во ова.
Сите сложени вежби не се исти.
Особена разлика правиме помеѓу вежбите со слободни тежини и вежбите со помош на машини. Сложените вежби со слободни тежини се супериорни во споредба со вежбите изведени на машини. (Слободни тежини значи дека правецот на кревање на тежините е регулиран целосно од вашите раце или нозе а не од шините на некоја справа.) Силата доаѓа од целото тело како поврзан систем а не од некој осамен мускул.
Практикувањето на овие вежби со слободни тежини ја зголемува стабилноста и издржливоста, бидејќи врши стрес не само врз поголемите мускули, туку и врз способноста да се одржува баланс, што значи активација на други мускули во улога на стабилизатори. Доколку вежбате на машини, машините ги фиксираат вашите движења и го одржуваат балансот наместо тоа да го прават вашите мускули.
Изолациски вежби
Мускулите растат многу побрзо кога се прават сложени вежби. Тогаш изолациските вежби имаат многу поголем ефект заради појачаниот хормонален одзив од сложените вежби. Инаку само изолациски вежби без сложени вежби, имаат слаб ефект бидејќи не предизвикуваат силен одзив на хормоните без кои нема зголемување на мусукулната маса. И нема зголемување на силата.
Изолациските вежби се наменети за таргетирање на поединечни мускули. Пример за вакви вежби се еднорачен прегиб за бицепс, летање со тегови за рамо, вежби со сајли.
Силата доаѓа од целото тело како еден поврзан систем.
Кога буткате или кога влечете, не го правите тоа со изолиран мускул, туку користите заедно повеќе делови од телото – грб, стомачни, нозе… Ако силата доаѓа од целото тело како систем, тогаш нормално следи дека силата така и се гради – вежбајќи го телото како систем, а не како склоп од осамени мускули.
Тренинг-режими кои користат огромен број изолациски вежби не го разбираат овој принцип. Дополнително, не може човек со преголема телесна тежина или премала мускулна маса да специјализира во правење изолациски вежби. Не смее! Ако му е драго да успева, ако му се драги времето и енергијата и парите, не смее! Тоа се површни режими на вежбање. Покрај главните принципи за кои зборуваме, секој човек има своја специфика. Побарај програм за вежбање од Мускултура.
Изолациските вежби сами по себе не се лоши, напротив. Меѓутоа занемарувањето на сложените вежби целосно ги обезвреднува изолациските (а и вежбите со машини). И предизвикува поголема склоност кон повреди, болки во зглобови, лесни повреди на рамења, итн.
Што мислите дека ги лечи и зајакнува зглобовите? Хормоналниот одзив создаден од напорот кој бил наметнат врз телото (во склоп на правилна исхрана и спиење). Ако тој напор доаѓа само од изолациски вежби, тогаш нема доволно хормонален одзив, ама затоа има доволно таргетиран стрес одново и одново токму врз зглобовите, ’рскавиците и тетивите. И нема хормони во доволна количина за да лечат!
Ако градењето мускулна маса и сила го споредиме со возење автомобил, тогаш сложените вежби (заради хормоналниот одзив) се притисокот на педалата за гас, а изолациските вежби се управувањето со воланот. Колку е лесно да се врти воланот стоејќи во место?
Сложените вежби го градат материјалот во кој со изолациските вежби подетално ќе се гравира формата.
Вклучете сложени вежби во секој тренинг и секогаш правете ги пред изолациските.
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
Здравствен тренер
Фитнес инструктор и тренер за кондиција и сила
Сертификуван нутриционист
07.07.2018
Најмоќните сложени вежби: