Многу е едноставно. Само следете ги препораките.
На пример, Американската асоцијација за дијабетес (www.diabetes.org), која важи за еден од најголемите авторитети за дијабетесот ги дава следниве препораки:
„Генерална препорака е да се внесува:
- 45-60 грама јаглехидрати со секој оброк
- 15-20 грама јаглехидрати со секоја ужинка“
Препорачуваат и ужинки… Оние кои треба НАЈМНОГУ да го застапуваат намалувањето на јаглехидрати и интервалното постење даваа ОБРАТНИ препораки. Па така, ако имаме 3 оброка и најмалку 2 ужинки, тоа се 165-240 гр јаглехидрати дневно. Не само што тоа е премногу, ова често ужинкање со јаглехидрати значи постојано покачен шеќер и инсулин во текот на целиот ден (живот). За пациентите коишто се на инсулински инјекции, ова значи многу единици инсулин. Тоа подоцна е проследено со формирање на инсулинска резистентност и води кон додатни медикаменти за да се натераат клетките да го реагираат на инсулинот. Наместо насоката да е кон оттргање од медикаменти, насоката е кон закачување за медикаменти. Наместо здравје, добиваме зависност од синтетика.
Слична препорака е дека луѓето со дијабетес треба да целат кон тоа 45% од калориите да им доаѓаат од јаглехидрати. И тоа дека треба да внесуваат од 1500 до 1800 калории дневно. Ова значи од 170 до 225 гр јаглехидрати дневно.
Ако ова се препораки за луѓе кои имаат дијабетес, односно шеќерна болест, тогаш што е со оние кои немаат дијабетес?
Во телото нормално ниво на шеќер е околу 4-5 гр шеќер во крвта. Самото тело постојано работи да го одржува ова ниво и организмот многу успешно создава шеќер од нејаглехидратни извори, дури и без никаков внес на јаглехидрати. Но не е битен фактот дека телото е многу способно да врши глуконеогенеза (глуко=шеќер, нео=нов, генеза=создавање, создавање нов шеќер од нејаглехидратни извори), ајде да го поплавиме со јаглехидрати од сите можни страни.
Дијабетот во основа значи проблем со оттргнувањето на вишокот шеќер од крвта. Тоа води кон голем број други последици како на пример срцеви проблеми, сексуална дисфункција, болести на бубрезите, слухот и влошување на менталното здравје. Тука е и дијабетската невропатија, оштетување на нервите кое резултира во отрпнатост, мускулна слабост или болка. Ова заболување статистички ги засега околу 50% од луѓето со дијабетес (некои велат и 60-70%).
Такво количество оброци и јаглехидрати е сигурен начин како да се има покачен шеќер во крвта преку целиот ден, да се гомилаат вишок масни ткива, да се создаде или одржува пораст на инсулинска резистентност за потоа телото да дојде во состојба во која не може ни да излачува доволно инсулин.
Инсулинска резистентност е состојба во која клетките не реагираат на наредбата на инсулинот, која е да го земат и употребат шеќерот. Тоа доведува до поголемо излачување на инсулин за да ги „натера“ клетките да реагираат. Со време, ова води кон влошена способност воопшто да се излачува инсулин. Инаку кето исхраната до 1920-те години била стандарден медицински третман за дијабетес, но ова речиси никаде јавно не се споменува.
Меѓутоа инсулинот дава и наредба мускулите да примат аминокиселини, па кога има резистентност, тогаш и градењето (а и одржувањето) на мускулна маса е многу влошено.
Патот кон најчестата форма на дијабетес (тип 2) е:
- Следење на пирамидата на исхрана и препораките
- Инсулинска резистентност
- Предијабетес (поблага форма на дијабет, односно повисок шеќер од нормалното ниво но не толку висок за да се смета за дијабетес)
- Дијабетес
Препораките за општата популација се дека 45-65% од калориите треба да доаѓаат од јаглехидрати, со 2000 калории за жени и 2500 калории дневно за мажи. За дијабетичари препораките не се нешто многу поразлични.
Ако внесувате 1800 калории, тоа се од 200 до 290 гр јаглехидрати дневно или за 2000 калории од 225 до 325 гр.
Препораките на пример за девојчиња од 14 до 18 години се да внесуваат 1800 калории, а момчињата во таа возрасна група 2200.
Девојче од 15 години да јаде 250 грама јаглехидрати? Момче од 15 години да јаде 300 гр јаглехидрати?
Тоа е одговорот како да се стане дијабетичар. Потоа како дијабетичар, продолжуваме со препораките кои се всушност истите количини. Ете како да се остане дијабетичар.
Кај дел од луѓето, дијабетската невропатија е пропратена со големи болки. Стандардниот третман за болки при невропатијата се антидепресиви…
Постојат многу заболувања и уште повеќе превентивни мерки. Здравиот начин на живот е превентивната мерка која ги опфаќа сите превентивни мерки!
Медицината и науката сè повеќе и повеќе доаѓаат до неизбежните заклучоци. Впрочем резултатите се видливи со голо око заради сè поголемиот број на луѓе кои ги промениле своите животи со присвојување на подобра исхрана и вежбање. Затоа сè повеќе и повеќе научни истражувања ја нудат кетогената исхрана како заклучок дека е ефективен третман против прекумерната телесна тежина, инсулинската резистенција, предијабетот и дијабетот и сите компликации кои произлегуваат од овие состојби.
Науката и медицината па и целото општество имаат улога да го ставаат здравјето на луѓето на прво место. Денес постојат повеќе можности од кога било претходно тоа да се прави. Тоа треба да е нашата основна мотивација.
Таков пример е Прим. д-р Таше Трпчевски од болницата Плодност, човек којшто усреќил повеќе од 4000 семејства со методот на ин витро оплодување и други медицински методи. Голем поборник за правилната исхрана и правилното вежбање, најпрво преку личен пример. Тој вели: „Фитнес салата е извор на здравјето.“
Самиот тој до скоро време бил на лекови за дијабет и висок притисок. Еден од ефектите од стартувањето со правилна исхрана и вежбање кај д-р Таше беше намалување на нивото на шеќер (А1Ц) од дијабетска состојба во граници на предијабет и нормала. Односно шеќер кој се движел од 6.5 до 7.2, сега без никаква терапија се движи од 5.2 до 6.3. Ова се нарекува РЕВЕРСИБИЛНОСТ на дијабетот.
„Со вас ги фрлив и лековите за шеќер и притисок!“, вели д-р Таше.
Впрочем и науката до пред некоја година го сметаше дијабетот тип 2 за хронична и нереверсибилна (неповратна) болест. Сега се менува реториката и во научната литература се јавува и терминот реверсибилност на дијабетес, бидејќи со голо око видоа дека се повлекува, првенствено според параметрите од крвните анализи – нормализирани без лекови.
Ако дијабетот може да се повлече, што станува со другите помали проблеми?