РУБРИКА:
Разговори со матриксот

 

ФИКС ИДЕИТЕ НА СИСТЕМОТ

Ова е рубрика од исклучителна важност за секој кој сака континуирано подобрување на својата состојба на повисоко ниво од тоа што е генерално прифатено за можно. Со овој поглед на нештата, многу од видливите и невидливите фактори кои го држеле потиснат вашиот напредок – ќе исчезнат, доколку внимателно се посветите да размислите со овие податоци.

Општиот стандард за тоа што се смета за високо ниво на напредок во личната состојба е поразувачки низок. Особено што поголемиот дел од луѓето за напредокот имаат исклучиво финансиска и материјална концепција, која многу лесно се руши доколку им посочите на рекордниот број здравствени психофизички проблеми кај добро ситуирани луѓе.

Во оваа рубрика сакам да погледнеме директно и подлабоко во една од најголемите причини за рекордниот пораст во човековите психофизички проблеми.

Тоа се фикс идеите, лажните податоци кои се подучуваат на ниво на либерална догма. „Либерална“ затоа што е во форма на „се смета“, „се верува“, „постојат докази дека“ без притоа да изгледа дека зазема апсолутен став за клучни работи, а догма заради тоа што истите форми „се смета“ итн., се прифатени во праксата како апсолутни: се наоѓаат во формалните протоколи, во учебниците, во реалната пракса. На пример во формалниот протокол за исхрана на еден професионален спортист. Или за исхрана на децата во градинка, училиште. Во болниците. Во третманите за лекување. Формалните препораки за исхрана на целата популација. Во сите овие полиња постојат клучни здравствени препораки кои се дијаметрално спротивни на психофизиологијата на човекот.

Само неколку примери:
Во градинките дечињата јадат леб со еурокрем. Шеќер + шеќер. Кај децата особено на таа возраст кога се во интензивен развој и раст, во превод – кога хормонот за раст го спроведува растот и развојот – децата примаат редовна антитерапија од еден од главните супресори на хормонот за раст – високата количина јаглехидрати односно покачениот шеќер во крвта. Исто е и кај возрасните, затоа денес рекордни се сите ефекти на недоволна регенерација на организмот: инфламација, забрзано стареење, вишок килограми, дијабет, автоимуни заболувања, срцеви заболувања, хипотироидизам, синдром на полицистични јајници, проблеми со плодноста… Протеин? Каков протеин, делете ориз, компири и леб.

Лесно ве ставија на лекови за висок притисок без да се обрне внимание на 99.9% најчестиот причинител на висок притисок – ИСХРАНАТА. Не ве прашаа дали пиете литро пиво дневно, дали пиете 6 кафиња, дали јадете 200 гр јаглехидрати (како ќе ве прашаат кога тоа е официјална препорака), дали спиете 5 или 8 саати, дали внесувате доволно протеини, што конкретно јадете… Сите овие КЛУЧНИ фактори се изоставени, а фармакотерапијата прва линија за третман небаре вашите проблеми се резултат на дефициенција од фармакотерапија. И мал совет да ја избегнувате солта, која е есенцијална за вашето психофизичко здравје. Сепак, постојат малку почесни исклучоци кои обрнуваат внимание на исхраната па препорачуваат фармакотретман доколку со исхраната не се постигне задоволителен резултат (но сепак со правилна исхрана кај 99.9% од луѓето би се постигнале фантастични резултати).

Депресивни сте, но не ве прашаа дали внесувате доволно протеини, витамини и минерали, колку спиете, дали јадете на начин кој предизвикува инфламација во вашиот организам, дали вежбате пречесто, дали некој ве потиснува – не, бидејќи нели, системот функционира како депресијата да е дефициенција на фармакотерапија. Дополнително што после 60 години рекордни продажби на антидепресиви, науката дојде до заклучок дека теоријата врз чија основа се произведени и продавани антидепресивите е погрешна. Но сепак и покрај тоа, тие сè уште се продаваат РЕКОРДНО.

Покачениот холестерол се смета како да е апсолутен ризик од срцеви заболувања, при што на лицто му се објаснува можноста од срцев или мозочен удар! Колку стресоген е таквиот разговор, особено кога е неоснован! Иако „покачениот“ холестерол сам по себе како параметар може да значи добро! Тој се толкува единствено во склоп со други параметри и во најлош случај треба да служи како ПОКАЗАТЕЛ за потреба од понатамошни испитувања.

Нашите деца јадат препроцесирана „храна“ со вештачки бои за кои е јасно дека предизвикуваат проблеми со вниманието и активноста. (Се разбира, овој ефект постои и кај возрасните!) Овие вештачки бои и другите хемии како вештачки засладувачи, конзерванси, пестициди, итн., се одобрени како безбедни за исхрана. Но жолчките од јајцата биле лоши. Или млечниот путер.

Примерите се бескрајни. А нивните ефекти се зголемени стапки на депресија, анксиозност, вишок килограми, срцеви заболувања, канцер, неплодност, итн.

Ајде да видиме кој е менталитетот што го овозможува сето ова. Тој менталитет се постигнува преку ограничување на способноста за размислување, наметнување на неточни и/или конфузни информации кои потоа е потешко да се преиспитаат и остануваат непреиспитани.

За жал тој менталитет е најчесто оној со кој имате контакт при вашите напори за себеподобрување во полето на фитнесот, исхраната, здравјето, бидејќи најголем дел од стручните лица се негови носители.

Таквиот носител во пракса е силно индоктриниран во системската догма, што автоматски без мисла одбива или се спротивставува на секоја поинаква идеја.

Ако се сеќавате на Матрикс, кога Морфеус му вели на Нео, „Тие ќе се борат за да го заштитат системот“ – јас сметам дека тие не само што ќе се борат да го заштитат системот (догмата и своите фикс идеи) туку тие СЕ системот. Таквиот систем постои само заради постоењето на фикс идеите.

Системот не е „елитата“ која стои во позадина. Системот е секој негов свесен или несвесен следбеник и практикувач.

Кога се јавува нова мисла, нова идеја, први реагираат оние што не можат да мислат.

Едно е да си обучуван во овој систем. Сите сме. Друго е притоа да ти се пригуши видикот до степен да ти е многу отежнато да препознаеш вистина и кога ја гледаш. За жал, ова е реалноста кај огромен број луѓе.

Тука ќе читате изјави од лица во чии умови системските грешки и фикс идеи се толку вкоренети, што самите „инстинктивно“ се борат против која било идеја што оди спротивно на нив; и самите толку се залагаат за тие фикс идеи што се колнат во нив. Најголем дел од нив се добронамерни но фикс идеите (заклучени, неиспитани идеи) се тие што прават резултатот од нивната работа да биде хаос. Погледнете ги само здравствените статистики. Или состојбата на вашиот комшија.

Тука најчесто нема да видите слика или име и презиме на лице кое дава такви изјави бидејќи мојата намера не е да напаѓам личности, туку да ја намалиме моќта на фикс идеите, на заблуденоста во системската „догма“. Зошто? Бидејќи истата е фатална за човештвото. Заради истата ги имаме денешните катастрофални здравствени статистики, повеќе од половина население прима фармакотерапија, денешниот маж има 50% понизок тестостерон од мажот во 1970 година и плодноста е намалена за повеќе од половина. Заради истата имаме вртоглаво растечки статистики на рак, дијабет, обезност, кардиоваскуларни заболувања, забрзано стареење. Затоа.

Оваа рубрика ја создадов за да ви помогнам да ги препознаете метастазираните фикс идеи и препораки кои доаѓаат до вас понудени како „решенија“.

Новите статии од оваа рубрика ќе ги најдете долу во продолжение или на почетната страница www.muskultura.mk или во категоријата Матрица.

 

Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
Здравствен тренер
Фитнес инструктор и тренер за кондиција и сила
Сертификуван нутриционист
05.06.2025