Вежба за рамо

Оваа вежба е наменета за рамењата. Меѓутоа клучното нешто во оваа вежба за рамо е што таа влијае врз целото тело, создава стабилност и рамнотежа. Во споредба со седечкото кревање, таа влијае врз долниот дел од грбот и нозете бидејќи бара одржување на поголема стабилност за држење на тежините. Во споредба со еднорачни тегови, со стоечкото кревање можете да кренете многу поголема тежина отколку со бучиците.

Некои луѓе ја избегнуваат оваа вежба заради тоа што става многу напор врз долниот дел од грбот и колената. Тоа е точно, доколку вежбата ја изведувате неправилно, или со далеку поголеми тежини отколку што ви одговара. Или доколку специјализирате во одбегнување вежби за нозе како на пример чучњеви! (Да, чучњевите го вежбаат и долниот дел од грбот). Подобро е да почнете со помали тежини па од недела во недела да ги зголемувате (како во 5×5) отколку однапред да се откажете. И најважно, во споредба со седечките вежби или со еднорачните тегови, оваа вежба предизвикува далеку поголем одзив на хормонот за раст и тестостерон.

Исправниот начин како да ја изведувате оваа вежба за рамо

  1. Сместете ја шипката со тежините на сталакот за чучњеви, на висина на градите. Шипката држете ја со дланките свртени накај надвор. Растојанието помеѓу дланките треба да биде 5-6 сантиметри пошироко од рамењата.
  2. Свиткајте ги малку колената и исправете ги сместувајќи ја шипката на горниот дел од градите.
  3. Оддалечете се од сталакот со еден чекор назад. Стапалата треба да ви бидат на растојание како колковите.
  4. Додека ја кревате шипката, навалете ја малку главата наназад за шипката да може да помине. Кога шипката ја поминала главата, вратете ја главата во својата претходна позиција. Издишувајте при кревањето на шипката.
  5. Во исто време при крајот на движењето кренете ги рамениците нагоре и целосно исправете ги рацете и закочете ги исправени.
  6. Полека спуштете ја шипката до горниот дел на градите додека во исто време вдишувате воздух. Главата ја поместувате повторно наназад за да може шипката да помине.
  7. Повторно подигнете ја шипката.
  8. Шипката треба постојано да биде во 90 степени агол со земјата, односно да се движи во истата права линија нагоре и надоле, без да се поместува напред или назад.
  9. Повторете колку што е потребно.

Мускули кои се вежбаат со стоечко кревање шипка над глава:

Вежба за рамо - мускули под напор

  • Рамења (најмногу предно, па средно и задно)
  • Трицепс
  • Трапезот
  • Стомачни (преку балансирање на тежината)
  • Долниот дел од грбот (преку балансирање на тежината)
  • Нозе (преку балансирање на тежината)

Оваа вежба за рамо значително ќе ви помогне во изведувањето на вежбата за гради на рамна клупа.

Најмоќните вежби