Дали јаглехидратите се есенцијални за живот?
Денешниот конвенционален фитнес и спортски тренер, нутриционист, лекар, спортист и речиси секој друг во овие полиња живее со длабоко инсталирано верување дека јаглехидратите се есенцијални за човековиот опстанок. Интересно е што многумина од нив се повикуваат на медицината, дека таа тоа го кажува. Иако можеби нивните учебници велат така, медицината како наука смета поинаку.
Ваквото верување – дека јаглехидратите се есенцијални – е толку трагично и фатално, што препораките се дека треба да се внесуваат 200-300 гр јаглехидрати дневно, а да не зборуваме ако сте спортист, тогаш препораките се уште повисоки. Овие препораки се всушност методологија како да се пристигне до дијабет и другите денешни најчести заболувања, а со оглед на тоа дека препорачаните количини за внес се слични и за лицата со дијабет, имаме сигурен рецепт за здравствено пропаѓање, проследено со економски раст за провајдерите на хемијата за „менаџирање“ на овие пандемиски здравствени проблеми. И сето тоа на лажна основа, бидејќи ваквиот конвенционален пристап е спротивен на разумот, науката, човековата физиологија и здравјето.
Јаглехидратите се во главно составени од истите основни молекули – шеќери, од кои најчестиот е гликозата. Кога ги консумираме, тие се претвораат во шеќер во крвта, кој може да се користи како извор на енергија за клетките и разни физиолошки функции. Тој шеќер може да се складира во црниот дроб и мускулите како резерва за идни потреби (како гликоген). Доколку се исполнат залихите кои во просек изнесуваат околу 500 гр шеќер, шеќерот од дополнителните јаглехидрати се претвора во масти и се складира како сало. Гледате колку телото се стреми да се спаси од глад, бидејќи, еволутивно гледано ги има научено следниве лекции:
„Гладта е честа појава, храната е ретка појава“,
„Храната дава енергија, а без храна и енергија се умира“,
„Собирај енергија за да преживееме“.
Но еволуцијата и нашите тела ја немаат предвидено нашата модерна филозофија за здравјето и исхраната – бескрајна залиха од намирници, глад која може инстантно да биде задоволена со штетни производи…
ШТО СЕ ЕСЕНЦИЈАЛНИ НУТРИЕНТИ
Главните две карактеристики на еден есенцијален нутриент се:
- Без тој нутриент нема живот.
- Телото не може интерно да го произведе, па мора да биде внесен преку исхраната.
Есенцијални нутриенти се витамините, минералите, есенцијалните масни киселини (омега-3 и омега-6) и есенцијалните аминокиселини.
Јаглехидратите не припаѓаат во есенцијални нутриенти бидејќи телото има вродена способност да создава гликоза, по потреба. Овој процес се нарекува глуконеогенеза – создавање на нов шеќер од нејаглехидратни извори (протеини и масти). Во главно се одвива во црниот дроб и овозможува телото да го одржува потребното ниво на шеќер во организмот, особено при отсуство на внес на јаглехидрати.
[Без разлика што некои проповедници на житната култура велат дека диеталните влакна, како вид на јаглехидрати – се есенцијални за живот, ова физиолошки не е точно. Постојат цивилизации кои воопшто не внесуваат растителна храна, а денес има сè поголем број луѓе кои со години се хранат само со храна од животинско потекло и НУЛА јаглехидрати и имаат врвни бенефити, но за ова во друга прилика.]
Одредени сегменти од организмот мораат да имаат гликоза за да функционираат. Без оваа мала количина гликоза, не би имало живот. Но тоа не ја прави гликозата од исхраната есенцијална, бидејќи телото без проблем може да ја создаде потребната количина преку протеините и мастите што ги внесуваме, што на дневно ниво изнесува околу 20-40 гр гликоза!
Минималната количина на јаглехидрати потребна за живот
Ова доаѓа директно од Институтот за медицина на Националните академии на науки на САД:
„МИНИМАЛНАТА КОЛИЧИНА НА ЈАГЛЕХИДРАТИ ПОТРЕБНА ЗА ЖИВОТ Е НУЛА, ДОКОЛКУ СЕ ВНЕСУВААТ СООДВЕТНИ КОЛИЧИНИ НА ПРОТЕИНИ И МАСТИ.“
Контрадикторности во нутриционизмот, медицината и спортот
И покрај тоа што физиолошката природа на организмот не бара внес на јаглехидрати особено не во препорачаните дози, и покрај ваквиот наод на Институтот по медицина, традиционалната нутриционистичка едукација и понатаму ја потенцира важноста на јаглехидратите во исхраната до степен на нивно преовладување. Ова се гледа во нивните препораки и учебници (како сертификуван нутриционист дополнително го потврдувам тоа, и јас го учев истото). Исто така ова е столб во спортот, дека јаглехидратите се алфа и омега за перформанс и сила и градење мускул… (Истото го учев и јас како двојно сертификуван фитнес тренер и инструктор.)
Разликата помеѓу она што навистина ПОСТОИ и она што се препорачува – прави конфузија во полињата на спортот, нутриционизмот, медицината, земјоделството, прехранбената индустрија, итн., и секако кај просечниот човек. Таа конфузија е видлива во здравствените статистики кои никогаш во човековата историја не биле полоши. Бидејќи кој ги дава советите како да се јаде, за здравите но и за заболените? За спортистите, за старите и младите? Кој ги создава менијата во интернатите, училиштата, градинките, детските кампови, болниците? Кој става кифла во менито за доручек на дете во развој? Кој става ориз за исхрана во болница, додека телото плаче за други елементи за да може да закрепне? Затоа закрепнувањата се комплицирани и долги со недели или месеци додека со соодветна исхрана и нутриенти тоа би можело да биде НЕКОЛКУ ПАТИ побрзо и поквалитетно.
Само со погрешни информации човек би можел да доручкува ѓеврек. Невино ѓеврече кое ќе нѝ донесе 50 гр шеќер во крвта! Притоа без речиси никакви други нутриенти. Наместо утрото да биде „добро утро“, тоа несвесно започнало со тортура на организмот. Така доручкуваме со децении.
Тешко е да се усогласи тоа што било учено во школскиот систем со фактот дека во праксата се гледаат обратни резултати. Тоа е знак дека веќе многу децении вирусот е во стандардната едукација и препораки, подметнат од нечии лични интереси за профитерство и за потиснување на луѓето.
Исто како што највисоките експерти препорачуваа хероин за настинка и кашлица кај деца и возрасни, што денес е речиси непознато но сепак не помалку трагикомично. Наскоро уште посмешно ќе биде сознанието дека долги децении сме велеле дека мора да јадеме преку 100 гр гликоза дневно за да можеме да работиме. Дополнително на тоа ќе има уште нешта од кои ќе се срамиме како човештво, фактот дека дозволувавме нашите најмлади а и сите други – да внесуваат вештачки бои, вештачки ароми, конзерванси, тешки метали, микро и нанопластики кои можеле 100% да се избегнат. Ќе се срамиме од фактот дека сите овие штетни, геноцидни препораки се учеа (и во моментов сè уште се учат) во школо каде ги праќаме нашите деца…
Дури и американската асоцијација за дијабетес ја прифати идејата дека јаглехидратите во исхраната не се од суштинско значење за опстанокот, односно дека потребите за гликоза може да се задоволат преку интерни метаболички процеси:
- гликогенолиза (разложување на складираниот шеќер т.н гликоген),
- глуконеогенеза (создавање шеќер од нејаглехидратни извори) и
- кетогенеза (создавање кетони при состојба на нутритивна кетоза)
Овие вродени механизми на телото му овозможуваат да одржува стабилно ниво на гликоза во крвта дури и во отсуство на јаглехидрати во исхраната. Заклучок: телото може да има стабилно ниво на шеќер и без внес на јаглехидрати, не само што може, туку и дефинитивно има!
На пример, алцхајмеровата болест претставува степен на неспособност на мозокот да користи гликоза, односно болеста е инсулинска резистентност на мозокот. Тоа значи дека мозокот не може да го употреби горивото (шеќер) и затоа се јавуваат последиците од алцхајмеровата болест. Оттаму, не е погрешно што истата веќе се нарекува дијабет тип 3. Замислете што се случува кога на ваквиот мозок кој бил изгладнет за енергија му дадете да работи на кетони. ПРЕПОРОД!
При правилна исхрана, кај дијабетичари и лица со инсулинска резистенција варијаблата која може да ја промени стабилноста на шеќерот е земање несоодветни дози на лековите, кои доколку се повисоки од потребното би го симнале нивото на шеќер. Кај сите луѓе има и други варијабли како стрес, квалитет на сон, ниво на физичка активност.
Културата се менува, полека изумираат старите геноцидни фикс идеи!
Дино Николиќ
Креатор и автор на Мускултура
Здравствен тренер
Фитнес инструктор и тренер за кондиција и сила
Сертификуван нутриционист
05.01.2025